Скопје
Градоначалничката на Кисела Вода Бети Стаменкоска Трајкоска одржа нов отворен ден за средби со граѓаните
Општина Кисела Вода соопштува дека во просториите на локалната самоуправа денеска се одржал нов отворен ден посветен на директни средби и комуникација со граѓаните.
Градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска, заедно со советници од Град Скопје, остварила средби со околу 50 жители, а биле реализирани и над 20 телефонски разговори со граѓани кои ги презентирале своите барања, идеи и предлози.
„Главната заложба на овие средби е секој жител што има потреба да биде сослушан. Преку непосредниот контакт се создава простор за искрен разговор и се бараат заеднички решенија кои директно ќе придонесат за поквалитетен живот. Ваквиот транспарентен начин на комуникација овозможува навремено согледување на секојдневните предизвици со кои се соочуваат жителите и ефикасно постапување при нивното решавање“, стои во соопштението од општината.
Приемните денови се организираат за време на викендот, односно во сабота. Од Општина Кисела Вода велат дека отворените денови за средби со граѓаните ќе продолжат да се реализираат со истата динамика и во наредниот период.
февруари 21, 2026

