Скопје
Стефковски: Општина Гази Баба треба да врати 127 милиони денари за Скопски саем, пресудата е јасен доказ дека претходното раководство работело неодговорно
Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски денеска информираше дека врз основа на начинот на кој се работело во периодот од 2017 до 2021 година, Општината денеска е должна да плати 127 милиони денари, поради судска пресуда.
Во објавата на Фејсбук, Стефковски сподели дека од моментот кога бил избран за градоначалник, јавно се обврзал дека ќе биде транспарентен, директен и отворен со граѓаните без да ги прикрива проблемите. Затоа, како што вели, денес се соочувале со тешок предизвик кој бил директна последица на недомаќинското работење на претходното раководство на општината.
„Имено, повеќе правни лица кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски Саем и кои согласно Законот за градење и Законот за градежно земјиште уредно уплатиле надоместок за уредување на градежно земјиште, на 27.10.2020 година поднеле тужба против Општина Гази Баба пред Основниот граѓански суд. Претходното раководство на Општина Гази Баба издало нови одобренија за градење на друго правно лице, а истовремено ги огласило за ништовни одобренијата на правните лица кои веќе имале платено надомест за уредување на градежно земјиште“, објаснува Стефковски за ситуацијата.
Наместо, вели, при огласувањето на одобренијата за ништовни, да им биде вратен уплатениот надомест за уредување на градежно земјиште во износ од 73.460.330 денари, тогашниот градоначалник не го сторил тоа и постапката завршила на суд.
„По повеќегодишна судска постапка, на 30.10.2025 година Апелациониот суд во Скопје донесе Пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да им ги врати уплатените средства на тужителите, заедно со законска казнена камата пресметана од денот на поднесување на тужбата – 27.10.2020 година во вкупен износ од 127.000.000 денари. Оваа пресуда е јасен и недвосмислен доказ дека во периодот од 2017 до 2021 година, во Општина Гази Баба се работело неодговорно, без визија, без грижа за јавниот интерес и без почит кон законите“, истакна градоначалникот, додавајќи дека наместо во 2020 година да бидат вратени уплатените 73.460.330 денари, денес во 2026 година општината е должна да врати 127.000.000 денари.
Посочи дека се работи за сериозен финансиски и институционален предизвик, кој со право предизвикувал загриженост кај него, но им порача на граѓаните да бидат спокојни.
„Со одговорна, чесна и посветена работа, со домаќинско управување и со целосна транспарентност, овој проблем ќе го надминеме. Општина Гази Баба ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на граѓаните. Истовремено, за ваквата состојба ќе ги информираме сите надлежни институции, со цел да се разгледа можноста за утврдување на одговорност, согласно важечките закони во Република Македонија. Правдата, одговорноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат основа на секое работење. Тоа Ви го должиме на Вас – граѓаните“, порача Стефковски.
јануари 29, 2026

