Скопје
Стаменкоска Трајкоска: Од понеделник Општина Кисела Вода и „Паркови и зеленило“ стартуваат голема еко-акција
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, оствари работна средба со Муамер Сефери, директор на ЈП „Паркови и зеленило“. Средбата се одржа во просториите на општината, при што беше договорена зајакната и интензивирана соработка во периодот што следи, со фокус на унапредување и одржување на јавните зелени површини.
Во рамки на договореното, доколку дозволат временските услови, од понеделник Општина Кисела Вода, преку Секторот за месни заедници, заедно со ЈП „Паркови и зеленило“, ќе започнат еднонеделна интензивна акција за чистење и уредување на парковите и јавните зелени површини на целата територија на општината.
Акцијата ќе се реализира со целата расположлива механизација и теренски екипи, а ќе опфати собирање на лисна маса, расчистување на паднати гранки и отпадоци, поткастрување на дрвја, сечење суви гранки, како и уредување на јавните тревници. Активностите ќе се одвиваат низ парковите и сите јавни зелени површини во Кисела Вода, а вакви акции, ќе бидат чести и во иднина.
-Со директорот на ЈП “Паркови и зеленило”, Муамер Сефери, договоривме засилена соработка и конкретни чекори за подобрување на изгледот на нашата општина. Доколку временските услови дозволат, од понеделник започнуваме еднонеделна интензивна акција за чистење и уредување на парковите и јавните зелени површини, со целата расположлива механизација. Нашата цел е Кисела Вода да биде почиста, поуредена и попријатна за живеење, а ваквите акции ќе продолжат и во наредниот период. Воедно, ги повикувам и граѓаните заеднички да придонесеме кон почиста животна средина, со одговорно однесување и грижа за заедничките јавни простори-изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
јануари 26, 2026

