Connect with us

Свет

Јужна Кореја – прва земја во светот со сеопфатен Закон за употреба на ВИ

Јужна Кореја стана првата земја во светот што донесе сеопфатен Закон за употреба на вештачка интелигенција (ВИ) со којшто се воспоставува правна рамка насочена кон спречување на дезинформации и други ризични последици за корисниците, објави новинската агенција Јонхап.

Јужнокорејското Министерство за наука и технологија соопшти дека главниот фокус на Законот е да им се даде на компаниите што поседуваат ВИ поголема одговорност во спречувањето на распространувањето лажна содржина што ВИ може да ја создаде и којашто значително влијае на секојдневниот живот и безбедноста на луѓето. Законот ѝ дава на Владата моќ да изрекува казни или да покренува истраги за можни прекршувања на прописите.

Во истовреме, законот ги наведува и мерките што владата треба да ги преземе за да ја промовира индустријата за вештачка интелигенција, а министерот за наука е должен да предложи нов план на мерки на секои три години. Министерството, исто така, основаше Служба за поддршка и давање совети. Ова советодавно биро ќе одговара на основните прашања од деловната заедница во рок од три дена, а доколку е потребна подробна правна анализа – во рок од 14 дена.

– Службата за поддршка ќе биде водич што треба да помогне Законот да заживее во тукашната индустрија, објасни вториот заменик-министер за наука, Рју Је-мјунг.

Субјектите што користат ВИ-модели за можни злонамерни или опасни цели, се должни да ги информираат корисниците дека нивните услуги се засноваат на употребата на ВИ и се одговорни за нивната безбедност. Содржината генерирана од ВИ ќе мора да биде обележана со воден печат што јасно ја означува природата на текстот или сликата.

Глобалните компании што нудат ВИ-услуги во Јужна Кореја и имаат приход од над 681 милион долари, што моментно ги вклучува „Гугл“ (Google) и „Опен АИ“ (Open AI), се должни да назначат правен претставник за Јужна Кореја. Помалите компании може да бидат казнети до околу 17.500 евра за секое прекршување на законот. 

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3