Connect with us

Свет

Трамп ги тужи „Џеј Пи Морган Чејс“ и Џејми Дајмон поради затворање банкарски сметки

Американскиот претседател Доналд Трамп поднесе тужба против најголемата американска банка „Џеј Пи Морган Чејс“, и нејзиниот извршен директор Џејми Дајмон тврдејќи дека неговите банкарски сметки биле затворени во 2021 година од политички причини.

Тужбата е поднесена во државен суд во Флорида, а Трамп бара најмалку пет милијарди долари отштета од банката, објавува Си-ен-би-си. Во тужбата се тврди дека „Џеј Пи Морган“ им ги затворила сметките на Доналд Трамп и на деловните субјекти поврзани со него кратко време по немирите на 6 јануари 2021 година во зградата на Капитол во Вашингтон, како и откога тој ја напушти Белата куќа по потврдениот изборен пораз од тогашниот претседател Џозеф Бајден.

Според деталите од тужбата, Трамп и поврзаните компании биле клиенти на „Џеј Пи Морган“ со децении, а банката наводно никогаш не ги објаснила причините за прекинување на деловниот однос.

Во документот се тврди дека одлуката е донесена поради политички и социјални мотиви и желбата на банката да се дистанцира од конзервативните политички ставови на Трамп.

„Џеј Пи Морган Чејс“ ги негира обвинувањата и изјави дека затворањето на сметките не било политички мотивирано, туку било во согласност со регулаторните барања на САД, па затоа тужбата на Трамп нема правна основа.

Џејми Дајмон зборуваше на Светскиот економски форум во Давос оваа недела и во голема мера избегна да го критикува Трамп, со исклучок на идејата на американскиот претседател да ги ограничи каматните стапки на кредитните картички на 10 отсто за период од една година, објави Си-ен-ен.

Според Дајмон, овој предлог би бил економска катастрофа доколку стапи во сила бидејќи значително би ја намалил достапноста на кредитите и сериозно би влијаел на потрошувачката и на функционирањето на услугите во Соединетите Американски Држави.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 4
Ad 4