Регион
В недела закажана посебна седница на српската Влада, пред Србија се и две „формални барања“ од САД
Владата на Србија в недела ќе одржи тематската седница на која ќе се дискутираат клучни прашања од стратешко значење за државата, но и за две „формални барања“ од Вашингтон до Белград за кои најави српскиот претседател по средбата со американскиот државен секретар Марк Рубио.
Засега нема информации што се двете формални барања од САД за Србија.
Стратешкиот дијалог, што САД го водат со десетици земји во светот со цел продлабочување на соработката, опфаќа голем број области – од економијата, преку безбедноста, до надворешната политика.
На седницата како што соопштија од Кабинетот на српскиот премиер Ѓуро Мацут ќе се разгледаат о целокупните политички и економски услови во државата и светот, како и реализацијата на развојни и инфраструктурни проекти од национално значење, меѓу кои е и проектот Експо..
Премиерот Мацут, ги покани на седницата претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, и претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во средата од Давос објави дека посебна седница на Владата на Србија ќе се одржи за време на викендот.
„Ќе разговарам со премиерот Мацут за тоа. Ќе имаме вонредна седница на Владата, можеби само делумно отворена за јавноста. Треба да ги преформулираме или да почнеме да разговараме за нашите задачи, да почнеме да разговараме за се. Треба да разговараме и со политичките противници. Треба да го најдеме најбезбедното, најбезбедното место за Србија“, рече претседателот на Србија во таа пригода.
Претседателот на Србија од Давос, каде што учествуваше на Светскиот економски форум, изјави дека „верува“ дека Белград ќе ги исполни барањата на Вашингтон и „конечно ќе ги започне“ разговорите.
Тој се надева и дека Србија ќе постигне „најповолна можна позиција“ во меѓународната средина, со проценка дека ќе се продлабочи јазот меѓу САД и Европската унија.
Вучиќ сепак нагласи дека нема да се откаже од своите „традиционални пријатели“ – Русија и Кина.
„Убеден сум дека една страница од историјата е завршена и дека од утре ќе се пишува поинаку“, изјави Вучиќ во средата.
Иако американските претставници од летото 2025 година најавуваат дека стратешкиот дијалог меѓу Белград и Вашингтон ќе биде воспоставен „наскоро“, Стејт департментот не прецизираше тајминг.
Тоа, како што го опишаа владините претставници на двете страни, треба да донесе „нова ера“ во односите – да ги оживее политичките врски, да ја прошири деловната и одбранбената соработка, како и соработката во областа на енергетиката и комуникациските технологии.
јануари 23, 2026


