Скопје
Марио Димитријевски го фати крстот во општина Илинден
Марио Димитријевски денеска го извади крстот од водите на езерото кај хотелот „Белви“. По повод христијанскиот празник Богојавление – Водици во населеното место Илинден и оваа година традиционално се одржа манифестацијата за осветување и положување на светиот крст.
Како што информира Општина Илинден, настанот беше реализиран во организација на црквата Св. „Константин и Елена“ и под покровителство на Општината.

Во традиционалното фаќање на светиот крст учествуваа вкупно 70 учесници. Димитријевски по шести пат успеа прв да стигне до светиот крст. Чинот го водеше епископ Дељадровско-илинденски Јоаким.

– На добитникот му беа упатени честитки со желби за здравје, среќа и благослов во текот на целата година. Традиционално, тој доби пригоден подарок од градоначалникот на Општина Илинден Александар Георгиевски, од директорите на јавните комунални претпријатија на општина Илинден, со што уште еднаш беше истакната поддршката на општината кон негувањето на верските и културните традиции, стои во соопштението од Општина Илинден.
Пригодни подароци Марио доби од голем број верници кои беа присутни на настанот, како и од повеќе општествено-одговорни компании.
јануари 19, 2026

