Connect with us

Вести

МО: Редовно се исплаќаат сите надоместоци и примања согласно Колективниот договор  

Министерството за одбрана соопшти дека останува на ставот оти секое барање што доаѓа од синдикалните претставници треба да се разгледува низ дијалог, при што во целост се согласува со изјавата на претседателот на Независниот синдикат на одбраната. Од Министерството информираат дека за првпат навремено се исплаќаат сите надоместоци согласно Колективниот договор, меѓу кои и надоместоците за закупнина, храна и превоз во висина од над 23.000 денари, како и додатоци за прекувремени часови, ноќна работа и дневници за дежурство.  

– Просечната основна плата без додатоци на професионален војник изнесува околу 35.700 денари, а на полковник околу 70.200 денари. Кога на ова ќе се додадат сите останати додатоци согласно Колективниот договор, се добива поинаква бројка од онаа што ја изнесе претседателот на НСО, полковникот Јуришиќ, стои во соопштението.

Од Министерството посочуваат дека поради одлуки донесени од претходната влада во изминатите години, е нанесена значителна штета на припадниците на Армијата и на буџетот за одбрана. Само во последнава година и половина по основ на судски и извршни пресуди, велат, биле исплатени значителни суми. Како пример, од Министерството посочуваат дека во мај и декември минатата година се исплатени 107 милиони денари, односно речиси 1,8 милиони евра, за неисплатени средства од 2019, 2020 и 2021 година за прекувремена работа.  

Во однос на статусот на професионалните војници, оттаму појаснуваат дека согласно Законот за служба во Армијата, секој припадник кој ќе наполни 45 години има право на избор, односно да земе отпремнина од две просечни плати за секоја измината година во Армијата, помеѓу 30.000 и 40.000 евра, или да биде задржан на работа како цивилно лице во Армијата, Министерството или други државни институции до пензионирање.

Министерството наведува дека заедно со Генералштабот и со синдикатите разгледува можности за измени кои би овозможиле задржување на дел од професионалните војници и по навршување на 45-годишна возраст во специфични служби во рамки на Армијата.

– Ова не е иницијатива на НСО, но Министерството и Генералштабот ќе ја подготват во консултација со сите синдикати за да се најде најдобро можно решение за професионалните војници, се наведува во соопштението, нагласувајќи дека Министерството за одбрана секогаш е на страната на своите вработени, бидејќи, како што велат, само со мотивиран кадар може да се одржува високото ниво на подготвеност.

Според приложените извештаи, основната плата на професионален војник се движи меѓу 30.500 и 53.091 денар, а на полковник од 60.029 до 127.310 денари, на што се додаваат закупнина, храна, превоз и други надоместоци.  

Денешното соопштение од Министерството за одбрана доаѓа по прес-конференцијата на Независниот синдикат на одбраната, на која беа презентирани трите клучни барања: зголемување на бодот за пресметка на платата за 20 отсто, ревизија на бодовниот систем на квартално ниво и решавање на статусот на професионалните војници до пензионирање.

Претседателот на Синдикатот Маријо Јуришиќ изјави дека целта е платите да бидат автоматски поврзани со реалните економски индикатори, како што се инфлацијата и трошоците за живот, и додаде дека, доколку барањата не бидат прифатени, ќе се разговара за следните чекори, но приоритет останува дијалогот со институциите.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3