Connect with us

Вести

Апасиев: Изненадувачки првпат конструктивна лидерска средба, начелно договорено да се донесе нов Изборен законик

Речиси тричасовната лидерска средба во Клубот на пратениците, иницирана од премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на Левицата, Димитар Апасиев, ја оцени како „изненадувачки првпат конструктивна“ посочувајќи дека било начелно договорено до крајот на пролетта, јуни, да се донесе нов Изборен законик иако за економските теми, како минималната плата, рече дека не наишле на разбирање. 

– Се дискутира за модалитетите. Една изборна единица, со или без изборен цензус, отворени или затворени листи. Комуникацијата ќе продолжи на ниво на координаторите на пратеничките групи во Собранието со некои од министрите во Владата – појасни Апасиев. 

На средбата, посочи тој, било разговарано за укинување на техничката влада во две варијанти – или веднаш или, ако не за следните, тогаш за тие по нив парламентарни избори во зависност од СДСМ.

Последната политичка тема на која било разговарано, како што рече Апасиев, бил обдусманот, за кој Левицата предлага соломонско решение. 

– Да биде избран припадник на ромската заедница бидејќи сметаме дека се најдискриминирана заедница која нема никакви лостови на власта, ниту министри ниту пратеници, еден градоначалник, ако не се лажам, и сметаме дека ова е уставна категорија, треба да ѝ припадне на ромската заедница – изјави Апасиев. 

Од економските теми, Апасиев рече дека Левицата ја наметнала минималната плата, која, како што рече, цениме дека е оправдано барање на работниците и на синдикатите, како и за апанажа и патните трошоци на пратениците и јавните функционери.

– И за овие две теми не наидовме на разбирање иако имаше разни варијанти, кои се дискутираа, сепак мислам дека овие се неприфатливи – изјави Апасиев.  

Како прашање што го отворила Левицата, Апасиев рече дека се разговарало за обесштетување на семејствата на жртвите од Кочани, но за кое, како што нагласи, немало слух.  

Прашан зошто не е најдено решение, Апасиев појасни дека имало разни објаснувања, некои беа дека тој бил приватен, не јавен објект, како што е модуларната болница во Тетово, а другите дека веќе има проекти што се доволни за самиот град. 

– Ние сметаме дека тоа не е доволно, ќе инсистираме и понатаму. Но, ова е сензитивна тема и затоа не инсистиравме толку на тоа во зависност од условите бидејќи средбата помина навистина, би кажал, во конструктивна атмосфера, што за мене изненадувачки – изјави Апасиев.

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 3