Connect with us

Култура

„Денови на претстави од независната продукција“ во Драмски театар – Скопје

Во рамки на „Деновите на претстави од независна продукција“ од вечерва до сабота на сцените „Ристо Стефановски“ и на малата сцена во Драмски театар – Скопје ќе се играат претставите „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, „Delirium tremens“ на „Театарска работилница“ – Прилеп, „Кротка“ во продукција на „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци и „Сина сенка“ на „Златен Елец“ од Скопје.

Вечер во 20 часот ќе биде изведена претставата „СамоТи(И)Ја“ во продукција на „Театроск“ од Скопје, а во режија на Војо Цветановски. Ќе настапат актерите Енџи Николовска и Бојан Лазаров.

Режисерот Војо Цветановски во описот на претставата појаснува дека „СамоТи(И)Ја“ претставува кореодрама која ја обработува вечната човечка потрага по љубов и припадност.

– Концептот на перформансот се развива околу идејата дека љубовта може да дојде прерано, предоцна, да ја одминеме без да ја препознаеме или да помислиме дека никогаш нема да се појави, сѐ додека ненадејно не нѐ допре во најнеочекуваната и најубавата форма. Во рамки на перформансот се истражува односот помеѓу две личности кои постојано се трагаат меѓусебно низ различни физички, емоционални и инстинктивни форми. Посебен акцент е ставен на сетилното истражување – допир, поглед, мирис – при што мирисот станува првиот импулс, водилка што ги насочува ликовите во нивната потрага по другото „јас“, вели Цветановски.

В четврток, во 20 часот, ќе биде изведена претставата „Delirium tremens“ во продукција на „Театарска работилница“ од Прилеп. Режисер на претставата е Игор Трпчески, а автор е Благоја Ристески-Платнар. Сцената и костимите се изработени од Бојана Артиновска. Улогите ги играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски. Тон и светло: Томе Темелкоски.

Претстава е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите помеѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и секако за љубовта и морално-етичките дилеми, кои кај секој од нас се појавуваат во состојба љубов, страст и страв.

В петок ќе биде изведена претставата „Кротка“, работена по истоимената новела од Фјодор М. Достоевски во продукција на Домот на културата „Иван Мазов-Климе“ од Кавадарци. Уметничкиот тим на претставата го сочинуваат Пепи Ангелов и режисерката Микица Илова и актерот Сашко Орешков.

Режисерката Микица Илова појаснува дека монодрамата „Кротка“ е драмска адаптација на истоимената новела од Фјодор М. Достоевски, која се базира на длабока психолошка анализа на еден човек што се соочува со ненадејната смрт на својата сопруга — млада, тивка и кротка девојка.

„Деновите на претстави од независната продукција“ на 17 јануари ќе ги заокружи продукцијата „Златен Елец“ од Скопје со претставата „Сина сенка“. Режисер на претставата е Тамара Стојаноска. Текстот е на авторот Брајан Рејнолдс. Преводот од англиски јазик го направи Сашо Огненовски. Во претставата се користи оригинална музика на Мајкл Хукер, додека изборот на музиката и новите аранжмани ги изработи Лука Тошев. Дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се креација на Бојана Цилевска. Сценографијата и изборот на костими се на Тамара Стојаноска, а изработката на специфични реквизити е на Благој Илиев. Фотограф е Јордан Звездоски.

Во претставата играат: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ-Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ.

Од Драмски театар информираат дека билетите за гостувањата на независната сцена се пуштени во продажба по цена од 500 денари и може да се набават на www.karti.com.mk и на билетарницата на театарот. 

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 5