Култура
Премиера на „Бегалка“ во Струмичкиот театар
Народниот театар „Антон Панов“ Струмица, утревечер ќе ja изведе премиерата на претставата „Бегалка“ од Васил Иљоски, во режија на Дамјан Димовски.
Како што соопштија од Тетарот, со оваа премиера струмичкиот театарски ансамбал се навраќа кон сопствените историски почетоци. Имено, токму со „Бегалка“, во режија на Димитар Колчаков, на 1 мај 1949 година, официјално е отворен Струмичкиот театар.
-Новата сценска поставка претставува симболично продолжување на таа театарска традиција и значаен културен настан за градот и пошироката јавност. Претставата е дел од редовната продукција на НТ „Антон Панов“ и предизвика исклучителен интерес кај публиката. Претпремиерата на 26.12.2025 (петок), како и премиерата на 27.12.2025 (сабота), се целосно распродадени, се наведува во соопштението на Струмичкиот театар.
„Бегалка“ е едно од најзначајните дела на македонската драмска литература, кое преку силни карактери и длабоки општествени конфликти ги отвора прашањата за традицијата, слободата на избор и положбата на поединецот во заедница – теми со трајна и современа релевантност.
Режијата е на Дамјан Димовски, сценографија и костими, Благој Мицевски, музика Александар Димовски, дизајн на плакат и рекламен материјал Ване Костуранов, Фотографии Столе Ангелов, а актерската екипа е во следниот состав: Стојан Велков – Трн Анкица Бенинова, Танкица Стојанова, Јасмина Вучкова, Михаил Велков, Васка Ангелова, Игор Тодоров.
декември 27, 2025


