Connect with us

Култура

Ретроспективна изложба на македонскиот сликар Кирил Ефремов во Скопје

Во Национална галерија Даут Пашин Амам во Скопје утревечер во 19 часот ќе се одржи ретроспективна изложба на делата на познатиот македонски сликар Кирил Ефремов. Куратор на на изложбата е Горанчо Ѓорѓиевски, а автор на монографското издание е проф. др Владимир Величковски. Публиката ќе има можност да го согледа во целина творештвото и развојниот пат на Кирил Ефремов укажувајќи на неговото место и значење во развојот на македонската современа ликовна уметност.

Величковски во монограското издание за  Кирил Ефремов пишува дека Ефремов своето присуство во македонската уметност го најави во почетокот на 60-те години на 20 век. Сликарство завршил на Училиштетото за применета уметност (проф. Лазар Личеноски и други), а Академија на ликовни уметности во Белград. Кирил Ефремов во почетокот на своето творештво и последователно ја потврди својата определеност за предметното творештво во временски периоди кога доминираше енформелот и апстрактната уметност.

-Неговата ориентираност кон сликарство со надреално-фантастични карактеристики ќе биде поттикнато од сликарите на белградскиот круг, особено припадниците на групата „Медиала“ која се залагаше за концептот на „интегрална слика“, со теоретски претпоставки во контекстот и релацијата на современата уметност во однос на традицијата. Таквиот став ги отсликуваше извесните противречности во модерната уметност, со нагласка на барањето на синтетичната уметност и универзалната личност на уметноста која треба да содржи философски, етички и сознајни премиси, пишува Величковски.

Тој додава дека Ефремов на свој начин го изрази немирот на тој временски период внесувајќи иреалност и романтичен дух во своето сликарство, по што следи период на интензивно барање на нов „релационизам“ во врска со класичната и модерната уметност, меѓу реалноста и фантазијата.

-Покрај големите сеопфатни теми на денешницата Ефремов е длабоко поврзан со домашниот амбиент и традиција, со еден специфичен свет на „личната митологија“. Тој вложи напор да ја прошири тематиката на метафоричното, како и на алегориското сликарство, обработувајќи исто така и теми од националната историја. Во духот на отвореноста и љубопитноста кон нови искуства и сознанија Ефремов во 70-те години се свртува кон некои идеи и решенија на Салвадор Дали и поп-артот со разновидни модалитети на фигуративното со елементи на новата фигурација и на фотореализмот. Еротиката и психолошките моменти, изразноста и „грчевитата убавина“ со примери од ренесансното сликарство и модернизмот станаа негови опсесивни теми, вели Величковски.

Тој додава дека со не помал интерес Ефремов обработува теми и проблематика од современиот свет, фасциниран со секејдневното поставено во неочекувани односи и со универзални значења. Значајна беше неговата општествена и професионална активност (меѓу другото бил председател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија), особено обемната изложба организирана во Уметничката галерија (денес Национална галерија) во 1984 година.Творештвото на Кирил Ефремов во доменот на надреално-фантастичното сликарство има посебно значење во поширокиот контекст на македонската уметност. Кирил Ефремов е роден 1934 година, а почина 2020 година во Штип.

Ad 2
Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 5