Connect with us

Свет

Барт де Вевер – човекот што ја победи ЕУ машинеријата и го надмудри Мерц

Барт Де Вевер, премиер на една мала земја како што е Белгија, постигна голема победа на Самитот на ЕУ што заврши рано изутринава, оценуваат западните медиуми во анализите на резултатите од декемвриската средба на европските лидери.

Бриселскиот портал „Политико“ наведува дека белгискиот премиер Де Вевер успеа да ја постигне својата цел и со својата борбеност извојува победа против естаблишментот.

– Де Вевер се спротивставуваше два месеци и неговата непоколебливост се исплатеше. Де Вевер се држеше до своите ставови и продолжи да ги нагласува ризиците и неизвесноста од користењето на замрзнатите руски средства по Белгија. Како остроумен преговарач, тој на крајот ги придоби своите европски колеги, оценува порталот во текстот по наслов „Како Барт де Вевер успеа да ја победи машинеријата на ЕУ“.

Според „Политико“, со тоа што лидерите на ЕУ на Самитот се откажаа од предлогот на Еврокомисијата за користење на замрзнатите руски средства за исплата на т.н. заем за репарации на Украина, на што жестоко се противеше Белгија, Де Вевер всушност го добил сето она што го сакаше.

Сепак, порталот нагласува дека институциите на ЕУ нема да му го заборават ваквото однесување на Де Вевер.

– Барт де Вевер нема да добие никакви услуги од Комисијата во скоро време. А веројатно ќе му бидат потребни, изјавил европски дипломат за „Политико“.

Германскиот весник „Цајт“ наведува дека иако сите оценуваат оти канцеларот на Германија, Фридрих Мерц бил жртвеното јагне на Самитот, малку се говори за Де Вевер или за самата Белгија.

– Кратко пред маратонскиот состанок канцеларот го претстави користењето на руските средства како единствена можна опција, но во текот на вечерта стана јасно дека другите земји членки сè уште го сметаа планот за премногу несигурен. Имплицитната порака се чини дека е: Де Вевер го надмудри германскиот канцелар, наведува „Цајт“.

Лондонски „Гардијан“ наведува дека по Самитот, Киев може да воздивне со олеснување, но дека вистинскиот победник е белгискиот премиер кој во преговорите ја покажа својата највешта страна.

– Кога на другите преговарачи им стана јасно дека ризиците (од планот) се навистина преголеми за Европа, Де Вевер на своите колеги за време на преговорите наводно им кажал: „Ви реков“, наведува „Гардијан“.

Париски „Монд“, пак, смета дека Самитот завршил „со неуспех“ за германскиот канцелар Мерц, затоа што не успеал во своите напори да го разубеди Де Вевер и да ги отстрани неговите загрижености.

Весникот пренесува и една претходна изјава на Де Вевер, кога осврнувајќи се на честото користење на правото на вето од страна на унгарскиот премиер, шеговито нагласи: „Јас сум полош од Орбан“.

– Очигледно белгискиот премиер го направи својот потег, заклучува „Монд“.

Според холандскиот весник „Алгемен Дагблад“, Де Вевер по вчерашниот Самит на ЕУ конечно може да здивне, но не само тој туку и рускиот претседател Владимир Путин.

– Милијардите на руската централна банка што се замрзнати на Запад од почетокот на војната, засега ќе останат недопрени. Ова не само што ќе му заштеди пари на Путин, туку е и симболична шлаканица за ЕУ, смета весникот.

„Алгемен Дагблад“ додава дека сепак е добро што на Самитот беше постигнат некаков договор за финансирањето на Украина.

– Доколку Европскиот самит не донесеше одлука, тоа ќе беше катастрофално. Тогаш ќе се покажеше дека претседателот на САД, (Доналд) Трамп во право: Европа е слаба и на пат кон пропаст, додава изданието.

Холандскиот весник пренесува и изјава на Де Вевер во одговор на новинарско прашање каква е таа „магија“ со која премиерот на мала земја како Белгија успеа да го постигне тоа што го постигна на Самитот.

– Во политиката не постои магија. Само има многу напорна работа зад сцената, одговорил Де Вевер.

Ad 4
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 1