Свет
Заклучоци на Самитот на ЕУ: Проширувањето е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани
Европскиот совет ја нагласува континуираната важност на проширувањето на Европската Унија како геостратешка инвестиција во мирот, безбедноста, стабилноста и просперитетот, се наведува во делот од заклучоците од денешниот Самит на ЕУ посветен на проширувањето и внатрешните реформи на блокот.
Во документот се посочува дека проширувањето е двигател за подобрување на економските и социјалните услови на европските граѓани, намалување на нееднаквостите меѓу земјите и мора да ги негува вредностите врз кои е основана Унијата.
Гледајќи кон идната перспектива на понатамошно проширена Унија, идните земји членки и ЕУ треба да бидат подготвени во времето на пристапување. Членките аспиранти треба да продолжат со своите реформски напори, особено во областа на владеењето на правото, во согласност со природата на процесот на пристапување базиран на заслуги и со помош на ЕУ, се наведува во заклучоците.
Во нив се додава дека паралелно со ова, Европската Унија треба да ги постави потребните внатрешни темели и да спроведе реформи, што ќе ја направи посилна и ќе го зајакне европскиот суверенитет.
Како што процесот на проширување напредува, Европскиот совет ја поканува Комисијата да ги презентира своите длабински прегледи на политиките (за реформите), со цел двата процеси да напредуваат паралелно, се потенцира во делот од заклучоците од Самитот за проширувањето и реформите.
декември 19, 2025


