Култура
Во Македонскиот КИЦ во Загреб отворена изложбата на Националната галерија „Простори на конјункција“
Пред бројна публика, вчера во Македонскиот културно-информативен центар во Загреб беше отворена изложбата „Простори на конјункција“, проект реализиран во соработка меѓу Македонскиот КИЦ во Загреб и Националната галерија на Македонија.

Изложбата „Простори на конјункција (спојување)“ претставува повеќеслојна мултимедијална мрежа што инсистира на активен гледач и коавторство, при што посетителите влегуваат во интеракција со фрагменти од интимни, мемориски и архивски наративи, материјализирани низ различни уметнички медиуми.
Преку графика, цртеж, фотографија, видео, објект и колаж, уметниците градат мултимедијални платформи во кои секој медиум функционира како посебен канал за конјункција. Во рамки на уметничката компилација со поднаслов „Картографија на фрагментот: наративи, граници, меморија“ претставени се дела на истакнати современи македонски автори: Роберт Јанкулоски, Велимир Жерновски, Моника Мотеска, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Ѓорѓе Јовановиќ, Ацо Станкоски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели и Марија Сотировска.

На отворањето, директорката на Македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, истакна дека со гостувањето на овој проект Националната галерија ја заокружува својата меѓународна изложбена мапа за годинава, додека КИЦ – Загреб токму со оваа изложба ја комплетира својата годишна програма. Таа ги претстави авторите, нагласувајќи дека Жанета Вангели, Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска се поранешни македонски претставници на Венециското биенале, додека Велимир Жерновски ќе ја претставува Македонија на Биеналето следната година.
Програмскиот раководител на Националната галерија, Маја Крстевска, во своето обраќање даде осврт на изложените дела, истакнувајќи дека поврзаноста и добрата мисла се суштински вредности што го оплеменуваат човечкото битие, и посочи дека е чест сезоната во Загреб да се заокружи токму со овој проект.

Изложбата за отворена ја прогласи директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, кој нагласи дека соработката со Македонскиот КИЦ во Загреб е јасен доказ за моќта на уметноста да гради мостови меѓу двете земји, најавувајќи и идни заеднички изложбени проекти. Тој упати благодарност до директорката на КИЦ – Загреб и ја истакна успешната соработка со загребскиот Музеј за уметности и занаети, како нова можност за меѓусебна промоција на македонските и хрватските уметници.
Проектот „Простори на конјункција“ годинава беше претставен и во Македонските културно-информативни центри во Софија, Белград и Истанбул, а е поддржан во рамки на Годишната програма за проекти од национален интерес на Министерството за култура и туризам.
декември 18, 2025


