Култура
„Болва в уво“ утревечер премиерно во Драмски театар-Скопје
Драмски театар Скопје утревечер премиерно ќе ја изведе претставата „Болва в уво“ од францускиот комедиограф Жорж Фејдо во режија на Синиша Евтимов кој е автор и на адаптацијата на текстот. Со оваа, петта премиера, ДТС ја завршува продукцијата во 2025 година.
„Болва в уво“ на сцената на Драмски се поставува повторно по пауза од над 30 години. Претходната, премиерно изведена во 1974 во режија на Димитрие Османли, имала 453 – најмногу одиграни изведби на сцената на овој театар. Најголем дел од екипата на новата „Болва в уво“ се млади актери.
Директорот на Драмски Роберт Вељановски и режисерот Синиша Евтимов денеска на прес-конференција рекоа дека се работи за ново читање на текстот на Фејдо и оти оваа „Болва в уво“ воопшто не реферира на претходната.
– Би се осмелил да кажам дека не станува збор за римејк туку за едно сосема ново читање. Со сета должна почит на оригиналната изведба на Драмски на легендарната „Болва в уво“, таа со начинот на игра и хуморот совршено резонира во своето време кога е направена. Но, ова е сосема нова „Болва в уво“ која резонира со денешново време – овде и сега, не е неопходно во нашата димензија, можеби во некоја паралелна. Се прилагодивме за да може да работи целата равенка која ја има поставено Фејдо и во нашава димензија најголемо технолошко достигнување е телефонот со жица. Претставата носи сосема ново читање и нов јазик, ќе еманира сосема нова енергија од минатата „Болва в уво“. И преводот и адаптацијата се мои и направени со јазикот на некои мои досегашни претстави. Секогаш се обидувам да ги поврзам универзумите кои се случуваат на сцена и моите приказни секогаш се преплетуваат, така што тоа продолжува и во оваа приказна, рече Евтимов по повод премиерата.
Претставата е подготвена за краток период од 36 работни дена. Како што информираше директорот Вељановски, во исклучително брза и сериозна подготовка е направена една голема претстава. Соопшти и дека финансиската конструкција, која сè уште не е затворена, е околу 1,5 милон денари. Утрешната премиера и првите две репризи, на 23 и 24 декември, се веќе распродадени, а следната изведба ќе биде на 24 јануари.
-Мислам дека сме на добар пат оваа претстава да има голема гледаност, рече Вељановски.
Режисерот Евтимов кажа дека досега не работел претстава за толку кратко време, но дека процесот бил лесен и едноставен, особено задоволен од работата со младата екипа на Драмски.
-Беше чест да се работи, освен неколку исклучоци, со сосема нова млада генерација на Драмски театар која ќе го воведе театарот во нова ера на своето постоење. Овие 36 работни дена за мене изгледаа и повеќе од доволно за да создадеме доста возбудлив поп продукт кој, ќе се осмелам да кажам, дека ќе живее доста долго на оваа сцена и ќе се бара карта повеќе, и од сега веќе гледаме дека тоа се случува. И не само поради фактот што станува збор за „Болва в уво“ на Жорж Фејдо, која е Библијата на современите комедии и сите комедиографи по него во принцип се обидуваат да ги достигнат заплетите што тој ги поставува, туку и поради фактот што работев со овие луѓе кои навистина си ја сакаат својата работа и уживаа во процесот на работа и креирање заедно со мене. Успеавме да постигнеме синергија која на сцена ќе еманира со позитивна енергија кон публиката, истакна Евтимов.
На прес-конференцијата актерите исто така искажаа задоволство од соработката со Евтимов и сметаат дека со тоа што ќе го прикажат на сцената ќе ги исполнат очекувањата на публиката.
Во претставата учествуваат: Дениз Абдула (кој игра две улоги), Ања Митиќ, Марјан Наумов, Лазар Христов, Игор Стојчевски, Стефан Вујисиќ, Нина Елзесер, Владимир Петровиќ, Рубенс Муратовски, Катерина Шехтанска, Томислав Давидовски, Јована Спасиќ, Петар Стојковиќ и Ивана Павлаковиќ. Сценограф е Мартин Манев, костимограф Раде Василев.
По двете репризи на 23 и 24 декември, ДТС од 27 декември на сцената ќе има претстави за деца.
Во оваа пригода директорот Вељановски соопшти и дека семејството Шаурек денеска на Драмски театар Скопје ќе му отстапи кукли, фотографии и рекламен материјал за претстави коишто се работени во Драмски од крајот на 1950-тите и 1960-тите години и најави дека по нивно документирање ќе биде организирана мала изложба од донираниот материјал.
декември 16, 2025


