Connect with us

Култура

Концерт на КОД 369 во Софија: Македонскиот КИЦ како жив мост на културата

Македонскиот културно-информативен центар во Софија веќе дваесет години е чувар на македонската културна меморија надвор од границите на државата. Тој е простор каде што уметноста не се претставува формално, туку се живее, како дијалог, како средба и како мост меѓу култури, генерации и идеи. Во таа мисија, како што информираа од Центарот, вчера се случи музички настан што одамна ги надмина рамките на обичен концерт, тоа беше настапот на бендот КОД 369, кој воедно беше и 95-тиот културен настан реализиран во 2025 година во програмата на Македонскиот КИЦ во Софија. 

Вечерта свечено ја отвори директорот на Македонскиот КИЦ во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, а на публиката ѝ се обрати и македонската амбасадорка во Софија, Агнеза Руси-Поповска. Со тоа, концертот доби и симболична рамка, како културен чин што ги спојува институционалната поддршка и слободниот уметнички израз.

КОД 369, бенд со дваесетгодишно творештво, пред софиската публика понуди концерт што ги надмина рамките на класичен настап. Нивната музика, во која се преплетуваат фанк, џез, рок и класични елементи, создаде силен и искрен дијалог со публиката, потврдувајќи ја нивната препознатлива уметничка храброст и жанровска слобода.

На сцената настапија Ирена Димовска (вокал), Даниел Митревски (гитара), Иле Лулевски (тапани) и Гоце Јованоски (бас), музичари кои со својата енергија и искуство ја оживеаја приказната на КОД 369, потпрена и на богатото наследство на бендот Памперс и бројните меѓународни настапи и соработки.

На крајот од концертот, проф. д-р Зоран Пејковски им врачи благодарниците „Мостови на културата“ на членовите на КОД 369, по повод јубилејот – 20 години од постоењето на Македонскиот КИЦ во Софија.

-Ова беше концерт што не се мери само со аплаузи, туку со сведоштва што ги остава во меморијата, во емоцијата и во културната историја што се пишува токму овде, чекор по чекор, се наведува во соопштението од Македонскиот КИЦ во Софија. 

Ad 1
Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 2