Connect with us

Свет

Бриселскиот регион постави нов рекорд во Белгија во „период без Влада“

Регионот Брисел веќе 542 дена од изборите во јуни минатата година нема нова Регионална влада, со што го надмина досегашниот рекорд на периодот потребен за формирање влада во Белгија од 541 дена, што беше поставен во 2010 година пред формирањето на белгискиот Федерален кабинет на Елио Ди Рупио.

Политичките партии во бриселскиот Регионален парламент сè уште не успеаја да се договорат за формирање нова Влада, а според последните информации, преговорите се во ќорсокак и на повидок нема изгледи за договор.

Партиите не можат да се договорат за владината програма и покрај засилениот притисок за постигнување договор во услови кога Регионот на Брисел се соочува со сериозни финансиски проблеми.

Техничкиот министер за буџет во бриселската Регионална влада, Дирк де Смет неодамна изјави дека финансиската состојба на Регионот на Брисел е во таква состојба што е можен прекин на јавните услуги.

– Ризикот од „затворање“ на Брисел е реален, изјави Де Смет во гостување на државното Радио 1.

Поради неусвојување на Буџетот за следната година, Брисел веројатно ќе ја изгуби кредитната линија од 500 милиони евра, кои се предвидени за покривање за неочекувани проблеми со ликвидноста. Минатата недела беше објавено и дека банката ИНГ ќе го повлече својот кредит, исто така, од 500 милиони евра, но банкарската групација подоцна соопшти дека „сè уште не е донесена конечна одлука“ за тоа.

Професорот на Слободниот универзитет на Брисел, Херман Матејс за јавниот радиодифузен сервис ВРТ изјави дека доколку ИНГ ја повлече кредитната линија, првите последици од тоа ќе се почувствуваат веќе следниот месец.

– Во јануари, првиот бран невработени лица ќе ги изгубат своите бенефиции. Тие ќе се обратат до општините, но тие се исто така банкротирани и ќе го повикаат (техничкиот) претседател на Регионалната влада Руди Вервурт (PS), кој исто така нема пари. Потоа, тој ќе мора да се обрати до (белгискиот) премиер Барт де Вевер, што повторно ќе го покрене прашањето за федерално старателство, изјави Матејс.

Поради ваквите состојби вчера беа организирани протести пред седиштето на Регионалниот парламент на Брисел, од кои беше побарано од политичарите „под итно да преземат мерки“.

На протестот беше изнесен предлог и за организирање еден вид „папска конклава“, при што партиските лидери би биле заклучени во една просторија и би биле држени таму сè додека не постигнат договор за формирање Влада.

Иако Регионот на Брисел го собори белгискиот рекорд во „период без Влада“, засега сè уште е далеку од светскиот рекорд од 729 дена, што го држи Северна Ирска. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 3
Ad 2