Свет
Ирска вети дополнителни 125 милиони евра финансиска поддршка за Украина
Ирска вети дополнителни 125 милиони евра финансиска помош за Украина, од кои 25 милиони евра се наменети за помош во обновата и заштитата на енергетскиот систем.
– Дополнителни 100 милиони евра несмртоносна воена помош ќе бидат ставени на располагање за да ѝ помогнат на Украина да ги издржи неселективни ноќни напади од руски ракети и беспилотни летала. Ирска, исто така, ќе обезбеди 25 милиони евра за снабдување на Украина со енергија, со цел да се спротивстави на циничните и бездушни напади на Русија, истакна премиерот на Ирска, Мајкл Мартин пред средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој е во официјална посета на Даблин.
Тој додаде дека останува непоколеблива поддршката на Ирска за народот на Украина во одбраната на слободата и демократијата.
Предвидено е Мартин и Зеленски да потпишат договор наречен „Патна карта за партнерство Украина – Ирска до 2030 година“, што е надоградба на претходниот договор од септември 2024 година.
Договорот вклучува политичка и безбедносна соработка, како и иницијативи во областа на реконструкцијата, образованието и културата.
Зеленски, по средбата со ирската претседателка Кетрин Коноли, ќе има билатерална средба со премиерот Мартин, а потоаќе се обрати пред членовите на двата дома на ирскиот Парламент.
декември 3, 2025

