Свет
Кина повторно побара повлекување на изјавата на јапонската премиерка за Тајван
Кина повторно ја критикуваше Јапонија поради изјавата дадена од јапонската премиерка Санае Такаичи за Тајван, јави ДПА.
Природата на изјавата беше „екстремно злонамерна“ и го налути кинескиот народ, изјави денеска портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг во Пекинг.
Кина бара Јапонија да ја повлече изјавата, рече Нинг, пренесува германската агенција.
Претходно овој месец, Такаичи во јапонскиот Парламент изјави дека кинескиот напад врз Тајван би претставувал „егзистенцијална закана“ што би можела да ја наведе Јапонија да го оствари своето право на самоодбрана, истакнувајќи дека Тајван се наоѓа близу до витални бродски линии.
Односите меѓу Кина и Јапонија долго време се напнати, а Такаичи се смета за критичар на Кина.
По забелешките на Такаичи, кинеската Влада им советуваше на своите граѓани да не патуваат во Јапонија. Пекинг неодамна го заостри својот тон по прашањето за Тајван кон странските земји.
Во меѓувреме, јапонската Амбасада во Кина, исто така, ги предупредува своите граѓани да избегнуваат преполни јавни места и да бидат внимателни на својата безбедност поради известувањето за проблемот во Народна Република, потсетува ДПА.
Во обид да се смири жестокиот спор, висок функционер од јапонското Министерство за надворешни работи денеска во Пекинг разговараше со својот кинески колега.
Во меѓувреме, главниот секретар на јапонската Влада, Минору Кихара, сигнализираше отвореност за дијалог откако Пекинг соопшти дека нема планови за средба меѓу кинескиот премиер Ли Чијанг и премиерката Такаичи за време на самитот на Г20 во Јужна Африка подоцна овој месец
ноември 19, 2025

