Свет
Републиканката Марџори Тејлор Грин го обвини Трамп дека го загрозил нејзиниот живот по неговите критики кон неа
Марџори Тејлор Грин, републиканска конгресменка од сојузната држава Џорџија и претставник на радикалната десница, го обвини американскиот претседател Доналд Трамп дека го изложил нејзиниот живот на опасност, тврдејќи дека неговите критики на интернет предизвикале бран на смртни закани кон неа.
Грин, која долго време беше еден од најголемите поддржувачи на Трамп, во последно време почна да зазема позиции кои се косат со ставовите на претседателот на САД.
Таа изјави дека приватни безбедносни компании ја контактирале за да ја предупредат дека е во опасност.
„Агресивната реторика насочена против мене во минатото доведуваше до смртни закани и до повеќекратни осуди за мажи кои беа радикализирани од истиот тип реторика што сега е насочена против мене“, напиша Грин на платформата Икс (поранешен Твитер). „Овој пат од претседателот на САД“, нагласи таа.
Во меѓувреме, таа јавно се извини за нејзината улога во подгревањето на политичките тензии во САД. Нејзиното извинување доаѓа во екот на жестока јавна расправија со претседателот Трамп, кој ја нарече „предавничка“.
Во интервју за Си-Ен-Ен, Грин се извини. – Понижувачки е, но би сакала да кажам дека ми е жал што учествував во токсичната политика; таа е многу лоша за нашата земја, изјави Грин. – Работев многу на тоа во последно време – да ги спуштам ножевите во политиката. Навистина сакам да видам луѓето да бидат љубезни едни кон други, додаде таа.
Конфликтот меѓу Трамп и Грин ескалира откако таа се приклучи на иницијативата во Претставничкиот дом за објавување на комплетните истражни досиеја за осудениот сексуален престапник Џефри Епстин.
Трамп ја критикуваше оваа одлука, а во неговите објави на социјалните мрежи за време на викендот, тој ја нападна Грин, нарекувајќи ја „Лудата Меги“, „конгресмен во лесна категорија“ и „предавничка“ за Републиканската партија.
Грин одговори дека „неоснованите и злобни напади против мене од страна на Трамп беа повик за опасните радикали“ и додаде дека добива бројни закани.
Трамп, пак, ги отфрли нејзините стравови, велејќи им на новинарите: „Не мислам дека нејзиниот живот е во опасност. Искрено, не мислам дека некој се грижи за неа.“
Грин, која беше еден од најжестоките поборници на МАГА движењето посочи дека размислувала за своите минати постапки по атентатот на конзервативниот активист Чарли Кирк во септември.
Нејзиниот пресврт не е само личен, туку и политички. Покрај случајот Епстин, Грин ја критикуваше партијата за нерешавање на домашните проблеми, како што е растечката цена на здравственото осигурување.
Во драматичен прекин со надворешната политика на Трамп, таа ја критикуваше и неговата фокусираност на странски патувања и средби со странски лидери.
– Би сакала да го видам ’Ер Форс Ван‘ (претседателскиот авион) паркиран и да остане дома, а во Белата куќа да нема ништо друго освен постојан фокус на домашна агенда која конечно ќе им помогне на Американците, изјави Грин за Си-Ен-Ен.
Трамп ги влоши односите со Грин во петокот со објава на неговата социјална мрежа „Трут Соушл“, во која ја нарече „Лудата Меги“ (Madge-Lubag) и „врескава лудача“, која само се жали што тој не одговара на нејзините повици. Тој продолжи со критиките и вчера со уште две објави, нарекувајќи ја „конгресмен во лесна категорија“, „предавничка“ и „срам“ за Републиканската партија.
Во нејзиниот прв одговор, објавен во петокот, Грин го обвини Трамп дека лаже за неа и се обидува да ги заплаши другите републиканци пред гласањето во Претставничкиот дом следната недела за објавување на тајните документи поврзани со покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, кој наводно бил пријател на Трамп во 90-тите години и почетокот на новиот век.
Во најновата објава, Грин напиша дека сега има „малку разбирање“ за стравот и притисокот што го искусувале жртвите на Епстин.
„Како републиканец која секогаш гласа за законските предлози и програмата на претседателот Трамп, неговата агресија кон мене, која ја подгрева отровната природа на неговите радикални интернет тролови (многу од нив платени), е целосно шокантна за сите“, напиша таа.
Во средата, Грин беше една од само четворица републиканци во Претставничкиот дом што им се придружи на демократите во потпишувањето петиција за да се издејствува гласање за целосно откривање на досиејата на Министерството за правда поврзани со Епстин, кој почина во затвор во 2019 година.
Трамп во објавата на „Трут Соушл“ навести дека конзервативните гласачи во округот на Грин може да размислат за истакнување кандидат на претстојните избори и дека тој ќе го поддржи соодветниот кандидат против неа.
Инаку, во меѓувреме и Трамп повика да се објават документите за Епстин.
ноември 17, 2025

