Вести
Македонија и Египет ќе соработуваат во високото образование и науката
Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитети забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот меѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања Мохамед Ајман Ашур, што се одржа денеска во Каиро.
Како што информира Министерството за образование и наука, работно тело составено од претставници кои ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска ги претставила промените што се почнати во областа на високото образование во земјава, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од пет години. Се осврнала и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно-истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласила и дека Министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно-технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.

Министерот Ашур ги претставил силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките коишто помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Изразил подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе следниот месец да се одржи средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Го споделил националното искуство со основањето на научно-технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Министерката Јаневска од вчера е во Каиро каде се одржува Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Ќе учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на утрешниот ден ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.
ноември 14, 2025

