Свет
ЕК започна истрага против „Ред Бул“ за кршење на правилата за конкуренција на ЕУ
Европската комисија започна формална истрага против „Ред Бул“, со цел да утврди дали се точни сомнежите дека оваа австриска компанија за енергетски пијалаци преземала активности за ограничување на конкуренцијата, со што ги прекршила правилата на ЕУ кои забрануваат злоупотреба на доминантна позиција на пазарот, потврди денеска заменичката главна портпаролка на ЕУ, Аријана Подеста.
Комисијата има индиции дека „Ред Бул“ можеби развил стратегија на ниво на целата Европска економска област за ограничување на продажбата во супермаркети и на бензински станици на енергетски пијалаци на конкурентските компании во пакувања поголеми од 250 милилитри.
Еврокомисијата е загрижена дека „Ред Бул“ можеби спровел стратегија на антиконкурентски практики со давање парични и други стимулации на трговците, со цел да престанат со продажба или барем да ги направат помалку видливи конкурентските енергетски пијалаци. Постои сомнеж дека „Ред Бул“ ја користел оваа стратегија во земји каде има доминантна позиција на националниот пазар за продажба на енергетски пијалаци, како што е случај со Холандија.
Доколку во текот на истрагата ваквите сомнежи бидат потврдени, Комисијата би можела да преземе казнени мерки против „Ред Бул“ за прекршување на правилата на ЕУ за конкуренција.
Подеста информира дека спроведувањето на оваа истрага е „прашање од приоритет“ за Европската комисија, додавајќи дека нејзиното покренување не го прејудицира конечниот исход на постапката.
Член 102 од Договорот за функционирање на ЕУ и член 54 од Договорот за Европската економска област забрануваат злоупотреба на доминантна позиција, што би можела да влијае на трговијата и да ја спречи или да ја ограничи конкуренцијата во рамките на Единствениот пазар. Спроведувањето на членот 102 е дефинирано во Регулативата 1/2003 на ЕУ, во која член 11 став 6 предвидува можност за отворањето постапка од страна на Комисијата за случаи како овој со однесувањето на „Ред Бул“.
Комисијата нема законски рок за завршување на истрагата, чие времетраење би можело да зависи од повеќе фактори, како сложеноста на случајот или степенот на соработка на компанијата засегнатата со постапката.
ноември 14, 2025

