Connect with us

Свет

Партиски извори: Листата на ирачкиот премиер Ал-Судани убедлив победник на парламентарните избори

Листата на ирачкиот премиер Мухамед Шија ал-Судани убедливо победи на вчерашните парламентарни избори, изјавија денеска извори блиски до неговата политичка партија.

Шиитската листа „Коалиција за реконструкција и развој“ на Мухамед Шија ал-Судани оствари „голема победа“, рече функционер близок до ирачкиот премиер, додека други два блиски извори изјавија дека листата на премиерот обезбедила 50 места во Парламентот и со тоа станала главен блок во законодавниот дом, пренесува Бета.

Ирачката изборна комисија треба вечерва да ги објави првите официјални резултати од овие шести избори во земјата по падот на Садам Хусеин.

Граѓаните на Ирак вчера гласаа на парламентарните избори, кои беа одбележани со строги безбедносни мерки и бојкот на еден од главните политички блокови во земјата. Изборите беа бојкотирани од популарното шиитско движење Садристи, предводено од влијателниот свештеник Муктада ал-Садр, чија коалиција освои најмногу пратенички места на изборите во 2021 година, но се повлече по неуспешните преговори за формирање влада поради конфликт со ривалските партии.

Ал-Судани, кој се надева дека ќе освои втор премиерски мандат, се наметна на ирачката политичка сцена по доаѓањето на власт пред три години благодарение на алијансата која ги обединува шиитските партии и фракции поврзани со Иран.

Излезноста на вчерашните избори, според изборната комисија, надмина 55 отсто, што е неочекуван процент за овие избори кои внимателно ги следат Техеран и Вашингтон, меѓу кои Багдад настојува да одржи рамнотежа.

Оваа неочекувана излезност означува нагло зголемување во споредба со историски ниските 41 отсто во 2021 година, особено бидејќи шиитскиот лидер Муктада ал-Садр, чие движење освои најмногу места на претходните парламентарни избори, овојпат повика на бојкот на гласањето.

Изборите го отвораат патот за избор на нов претседател, функција која е главно почесна и резервирана за претставник на Курдите, и нов премиер кој традиционално е шиит, а се избира по долги преговори. Сунитите ќе го добијат местото претседател на Парламентот.

Бидејќи не е возможно само една листа да освои апсолутно мнозинство, Ал-Судани, доколку неговата победа биде потврдена, ќе треба да формира сојуз за да обезбеди повторен избор за премиер. Во претходните парламенти, мнозинските шиитски партии склучија компромисен договор за заедничка работа и формирање влада. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3