Connect with us

Свет

ЕК промовираше инструменти за зајакнување и заштита на демократијата и поддршка на цивилниот сектор во Европа

Демократијата е толку силна колку што се силни луѓето што веруваат во неа, па затоа мора да продолжиме да работиме заедно за да ја заштитиме и промовираме за генерациите што доаѓаат, порача денеска еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт при презентацијата на инструментот Европски штит за демократијата и на Стратегијата на ЕУ за граѓанското општество. 

– Одбраната на демократијата е нашата прва линија на фронтот во одбраната од растечките политички конфронтации, регионалните и глобалните конфликти и брзите технолошки промени. Демократијата не е дестинација, туку секојдневна обврска, што бара постојано зајакнување и обновување, рече Мекграт.  

Според него, денеска промовираниот „пакет за демократија“ ќе служи како патоказ на ЕУ за справување со предизвиците со кои се соочуваат европските демократии и за поддршка на сите оние што ги поддржуваат.  

Тој најави дека со Европскиот штит за демократијата и со Стратегијата за граѓанското општество, покрај членките на Унијата, ќе бидат опфатени и земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ. 

Со двата инструменти, Комисијата има за цел да ги зајакне активностите и на ниво на ЕУ и на национално ниво, тесно соработувајќи со земјите опфатени со процесот на проширување и поттикнувајќи поголема кохерентност помеѓу внатрешните и надворешните активности во овие области. 

Извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен, пак, порача дека со промоцијата на двата денешни предлози Европа покажува дека е посилна од кога било досега во одбраната на своите темелни и демократски вредности.  

– Граѓаните се во центарот на нашите демократии. Нашите предлози се повеќе од одбрана. Тие се за јакнење. Сакаме секој граѓанин, секое здружение, секој глас да знае дека Европа е со нив. Самоуверена, отворена и отпорна демократија е најдобриот одговор на оние кои сакаат да нè поделат или ослабат, додаде Виркунен. 

Европскиот штит за демократијата е замилен како инструмент со низа конкретни мерки за зајакнување, заштита и промовирање на силни и отпорни демократии низ цела Европа, додека Стратегија на ЕУ за граѓанското општество има за цел поголемо ангажирање, заштита и поддршка на цивилниот сектор, како суштински елемент за зацврстување на европските општества. 

– Европскиот штит за демократијата и Стратегијата на ЕУ за граѓанското општество претставуваат мерки за заштита на клучните столбови на нашите демократски системи – слободните граѓани, слободни и фер избори, слободни и независни медиуми, динамично граѓанско општество и силни демократски институции, се наведува во образложението на промоцијата на двата инструменти. 

Според Виркунен, целта на Европскиот штит за демократијата е дополнително зајакнување на колективниот капацитет на ЕУ за борба против манипулацијата со информации и дезинформациите и зајакнување на европската отпорност преку пристап кон целото општество.  

Три главни столба на кои ќе се базира Европскиот штит за демократијата се заштита на интегритетот на информацискиот простор, зајакнување на институциите на ЕУ, фер и слободните изборни процеси и слободните и независни медиуми и зголемување на општествената отпорност и ангажманот на граѓаните. 

Важен сегмент на Европскиот штит за демократијата ќе биде новиот Европски центар за демократска отпорност, кој ќе дејствува како рамка за олеснување на споделувањето информации и поддршка на градењето капацитети за спротивставување на заедничките закани, особено манипулациите, странското мешање и дезинформациите. 

Во рамките на Центарот предвидено е воспоставување на Платформа на засегнати страни за да се олесни дијалогот меѓу организациите на граѓанското општество, истражувачите, академската заедница, проверувачите на факти и медиумите. 

Комисијата предвидува и создавање на Програма за отпорност на медиумите, насочена кон финансиска поддршка за независните и локалните медиуми и новинари, за што ќе бидат обезбедени средства во новата Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ.  

Комисијата најави дека ќе презентира и измени на Препораката за безбедност на новинарите и ќе ги засили активностите за поддршка на постојната рамка на ЕУ за борба против злоупотребите на т.н. СЛАПП тужби, чија цел е замолчување и вршење притисоци врз новинарите и граѓанскиот сектор. 

Со Стратегијата на ЕУ за граѓанското општество, Комисијата има за цел да засили својот ангажман со цивилниот сектор и да ги поддржи и заштити граѓанските организации и со неа се предлагаат конкретни акции на европско и на национално ниво. 

Стратегијата предвидува воспоставување на нова Платформа на граѓанското општество во 2026 година, создавање онлајн центар што ќе му овозможи на граѓанскиот сектор полесен пристап до постојните проекти и инструменти, подготовка на дополнителни мерки за заштита на граѓанските организации и обезбедување на нивно одржливо и транспарентно финансирање. 

Комисијата оценува дека во ерата на растечка политичка конфронтација, регионални и меѓународни конфликти и брзи технолошки промени, европските демократии се соочуваат со внатрешни и надворешни притисоци, додека во исто време авторитарните режими се обидуваат да ги искористат поделбите, да сеат недоверба и да ги ограничат демократските актери, како што се слободните медиуми и граѓанското општество.  

– Тие ја еродираат довербата во демократските институции, ги поткопуваат слободните и фер избори и ги предизвикуваат самите вредности врз кои е основана Европската Унија. Овие закани се одвиваат во позадина на длабока дигитална трансформација што носи и нови можности и нови ранливости. Во исто време, намалувањето на јавната доверба и ангажман, заедно со ризиците без преседан со кои се соочуваат организациите на граѓанското општество, дополнително ја загрозуваат промоцијата на основните права низ цела ЕУ, заклучува ЕК во образложените на предлогот за создавање на Европскиот штит за демократијата и Стратегијата за граѓанско општество. 

Маркетинг
Маркетинг
Ad 1
Ad 3