Свет
Белгија ќе купи 18 тренажни авиони од Швајцарија
Белгиската Влада донесе одлука за купување на 18 тренажни авиони од типот „ПЦ-7 МКИкс“ од швајцарската компанија „Пилатус“, кои ќе бидат наменети за обука на идните воени пилоти.
Станува збор за турбопропелерски авиони, кои ќе треба да ги заменат сегашните „Маркети СФ-260“, кои белгиското Воено воздухопловство ги користи за обука веќе 55 години.
Договорот за набавка на 18-те швајцарски авиони, според медиумските извештаи, ќе ја чини Белгија 40 милиони евра годишно.

Белгиското Министерство за одбрана го избра швајцарскиот „ПЦ-7 МКИкс“, откако претходно вакви авиони набавија и Холандија и Франција.
„Пилатус ПЦ-7 МКИкс“ е двосед наменет за обука со „стаклен кокпит“ со напредни инструменти карактеристични за авионите од најновата генерација, Тој е дизајниран на начин што овозможува лесно управување, што го прави адекватен за обука на млади пилоти.
Според најавите сегашните тренажни авиони „Маркети СФ-260“ ќе останат во употреба уште неколку години, најмалку до 2027 година, кога треба да пристигнат првите „ПЦ-7 МКИкс“.
ноември 10, 2025

