Култура
„Једен Ансамбл“ од Турција ќе настапи на фестивалот „Есенски музички свечености“
„Једен Ансамбл“ од Турција вечер од 20 часот ќе има концерт во Салон 19,19 во Културно-информативниот центар, во рамки на фестивалот „Есенски музички свечености“.
На концертот ќе настапат: Руи Азиз – каманча, Халил Ибрахим Доѓан – неј, Реџеп Белен – тамбура, Наваф Хамед – канун и Бураг Месробјан – перкусија.
Дирекцијата за култура и уметност на Скопје (ДКУС), организатор на фестивалот, информира дека публиката во Скопје „ќе има ретка можност да ужива во извонреден музички спој на историја, духовност и уметничка прецизност, кои го одразуваат богатството на ориенталната музичка традиција“.
„Једен Ансамбл“ е основан во Виена во 2018 година и организира концерти низ Европа, специјализирајќи се за класична турска и турска суфиска музика.
-Групата е единствена во Австрија и една од ретките во Европа со ваков фокус. Репертоарот обединува дела од 10 век до денес, во различни форми и структури, изведени на акустични инструменти како неј, тамбура, уд, канун, кеменче и бендир, а понекогаш настапуваат и гостински уметници. Ансамблот изведува инструментални, побожни и вокални форми со соодветни инструменти, а бројот на изведувачи се прилагодува според проектот. Настапуваат во Австрија и низ Европа – Германија, Унгарија, Чешка и Полска. Учествувале на многу меѓународни фестивали, а нивните настапи биле прикажани и на телевизиски канали, како ТРТ, соопшти ДКУС.
Гостувањето на „Једен Ансамбл“ е поддржано од Турскиот културен центар – Институтот „Јунус Емре“ во Скопје.
ноември 9, 2025

