Политика
Митева: Поздравувам дебата за семејно насилство, но има една политичка хипокризија, се бара само за случувања во последните две години
На телевизија Алфа во емисијата „Меѓу Редови“ гостуваше претседателката на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ и портпарол на Владата, Марија Митева која се осврна на поднесената иницијатива за итна собраниска седница за заштита на жените и одговорност од институциите од страна на пратеничката група на СДС.
„Не гледам ништо спорно во тоа да се одржи јавна расправа во рамки на Собранието за оваа тема, видов дека и пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ кажа да се согласуваме тоа да се дебатира во рамки на Собранието, е сега каде е тука политичката хипокризија? Се однесува барањето да биде само за последните две години, што сметам дека е состојба којашто директно навлегува во политиката и бара политичка конфронтација, но вториот сегмент кој е уште поважен е што како политичка партија изминативе две години го имаме достигнато рекордот во одржување на јавни расправи во рамки на Собранието затоа што тоа го ветивме на граѓаните. Ако порано јавна расправа беше мисловна именка и ако кривични закони ни се поднесуваа со европско знаменце во 11 часот навечер, денеска тоа граѓаните не можат да го видат во рамки на Собранието, туку можат да видат отворени јавни расправи“, истакна Митева.
Митева истакна дека ја поздравува дебатата во Собранието, посочувајќи дека таа ќе биде можност да се отворат прашања за постапувањето на претходната власт во однос на семејното насилство, вклучително и за измените на Кривичниот законик и недостигот на јавни расправи на оваа тема.
„Апсолутно поздравувам да има дебата во рамки на Собранието, но во таа дебата јас сум сигурна дека особено пратеничките од редовите ВМРО-ДПМНЕ ќе ги потсетат нивните колеги од СДС, ќе им го постават прашањето колку јавни расправи по однос на оваа тема свикале во рамките на нивното владеење, ќе ги прашаат кој ја направи измената на Кривичниот законик каде што телесната повреда при семејно насилство веќе се покренува по службена должност, а не како претходно кога жртвите од страв, паника, економска или било каква друга неизвесност ги повлекуваа пријавите. Така што имаме многу аргументи да ги кажеме за да ја покажеме вистинската политичка волја којашто ја имаме за решавање на овој проблем и со текот на времето како поминуваат состојбите повторно ќе дојде ред да ВМРО-ДПМНЕ ги подобрува законските решенија коишто СДС во минатото ги кажуваше како најсоодветни решенија“, децидна е Митева.
ноември 27, 2026


