Connect with us

Вести

Мицкоски до Села: Во унитарна држава како нашата ако имате 61 пратеник имате легитимитет, потпалувачката реторика не е добра

Легитимитет во демократија, во унитарна држава дава бројката во Собранието од 61 пратеник. Ако имате 61 пратеник вие имате легитимитет. И во 2017 година таа Влада немаше легитимитет, па беше избрана. ВМРО-ДПМНЕ отиде во опозиција. Вие бевте кратко време во Владата, потоа ја напуштивте, но тоа е друга тема. И тогаш се прекрши правилото победник со победник. Тоа беше непишано правило. Не го прекрши ВМРО-ДПМНЕ. Некој друг – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање во врска со легитимитетот на неговата Влада поставено од пратеникот Зијадин Села од Алијанса на Албанците. 

Села го праша премиерот за легимитетот на оваа Влада и правилото за составување влада победник со победник на парламентарните избори, а зборуваше и за вработувањата на Албанците и за тоа дека според пописот тие биле 30 проценти од населението во државата.     

Мицкоски потсети на локалните избори во 2021 година и кога тие направиле коалиција во Град Скопје, кога друг бил победник. 

– Мислам дека потпалувачката реторика не е добра. Јас сум подготвен да разговарам за која била тема, со исклучок на темата со потпалувачка, националитичка реторика. Потпалувачки теми. Зошто ова ви го кажувам? Затоа што ако ги гледаме ресурсите коишто денеска се трошат во државата, 70 проценти од тие ресурси се трошат во средини каде што имаме мнозинско албанско население – рече премиерот. 

Посочи дека се гради автопат Блаце – Скопје, автопат Тетово – Гостивар – Букојчани – Кичево, се гради универзитет Мајка Тереза, се градат улици, пречиститечни станици во Тетово, Гостивар, Врапчиште, обиколница околу Тетово, се проектира тунел за експресниот пат Призрен – Тетово. 

– И можам да ви ги редам проект по проект, но тоа не е суштината. Суштината е колку ние сме лојални кон оваа држава што ни овозможила бесплатно да се школуваме, бесплатно здравствено осигурување, која ни овозможила да се формираме како личности и таа одговорност на локалност ја имаме и во кажаниот збор. Апсолутно Владата има легитимитет, којшто јас низ мојата политичка оптика го гледам во услови да работи чесно и за Македонците, и за Албанците, и за останатите граѓани од другите етнички заедници. Да развива проекти, да зголемува пензии, да зголемува плати, да отвора нови работни места врз основа на нивните компетенции и квалификации за сите – рече Мицкоски.

Ad
Ad