Connect with us

Свет

Би-би-си: Договорот меѓу Велика Британија и ЕУ содржи клаузула за раскинување со рок од 10 години

Новиот договор меѓу Велика Британија и Европската Унија, кој го опфаќа и извозот на храна, содржи клаузула за раскинување со рок од 10 години, објави денеска Би-би-си, во пресрет на објавувањето на текстовите на договорот.

Според Би-би-си, текстовите на договорот се очекува да бидат објавени денеска попладне, заедно со законските измени наменети за спроведување на најголемиот дел од договореното.

Клаузулата за раскинување со рок од 10 години предвидува дека, доколку која било од страните одлучи да го прекине договорот, ќе мора да ги плати трошоците за повторно воспоставување на инфраструктурата за гранични проверки, која според договорот треба значително да биде намалена.

Велика Британија и ЕУ во петокот постигнаа договор за соработка во периодот по Брегзит, чија цел е намалување на трговските бариери и зајакнување на економската, одбранбената и безбедносната соработка. Меѓу клучните мерки се олеснување на контролите при трговијата со храна, поврзување на пазарите на јаглеродни емисии и воведување програма за мобилност на младите, со истовремено барање од Велика Британија поблиску да се усогласи со одредени правила на ЕУ.

Односите меѓу Велика Британија и ЕУ се уредени со Договорот за повлекување, Договорот за трговија и соработка и поновиот договор за Гибралтар, кој привремено се применува од 15 јули.

Мнозинството британски гласачи на референдумот за Брегзит во 2016 година го поддржаа излегувањето на земјата од Европската Унија. Велика Британија и ЕУ го потпишаа Договорот за повлекување на 24 јануари 2020 година, кој предвидуваше постепен пристап со цел да се обезбеди уредно излегување, а земјата официјално го напушти блокот на 31 јануари 2020 година.

Ad
Ad