Connect with us

Вести

Моделот на организирање и полагање на правосудниот испит презентиран пред известувачите на Венециската комисија

Министерот за правда Јетон Шасивари денеска одржа работна средба со известувачите на Венециската комисија, во рамките на постапката за добивање мислење за предложениот модел за организирање и полагање на правосудниот испит.

-На средбата присуствуваа претседателот и членовите на Комисијата за полагање на правосудниот испит, кои го презентираа и практично го демонстрираа начинот на организација и спроведување на испитот. Со тоа, претставниците на Венециската комисија имаа можност непосредно да се запознаат со предвидените постапки и практичната примена на предложениот модел. Министерот на средбата  ја образложи уставната и законска основа на иницијативата, правната аргументација за предложениот модел, како и спроведениот консултативен процес со претставници на правните факултети, деканите и студентските организации, информира Министерството за правда. 

Како што се наведува во соопштението, министерот Шасивари  истакна дека основната цел на предложеното решение е обезбедување еднаков пристап до правосудниот испит за сите кандидати, без притоа да се доведат во прашање професионалните критериуми, квалитетот и интегритетот на испитот.

-Министерот Шасивари потенцира дека барањето мислење од Венециската комисија претставува иницијатива за добивање независна, објективна и стручна правна оценка, со цел да се обезбеди решение кое ќе биде уставно, правно одржливо и усогласено со европските стандарди. Министерството ја цени експертизата на Венециската комисија и останува отворено за нејзините препораки и предлози, уверено дека институционалниот дијалог и стручната правна анализа се најдобриот пат кон изнаоѓање одржливо решение. За нас ова не е прашање на политички натпревар, туку прашање на еднаквост пред законот, еднакви можности и доследно почитување на професионалните стандарди. Нашата определба останува јасна: правата да не останат само запишани принципи, туку да се преточат во конкретни, применливи и правно одржливи решенија, стои во соопштението од Министерството за правда.

Ad
Ad