Регион
Со чартер-лет од Атина доброволно вратени 114 нелегални мигранти во девет земји
Со чартер-лет на Меѓународната организација за миграција (ИОМ), 114 мигранти од девет различни националности од Азија и Африка, кои нелегално престојувале во Грција доброволно се вратиле во нивните земји во рамките на програмата за асистирано и доброволно враќање и реинтеграција на Министерството за миграција и азил на Грција кофинансирана од Фондот за азил, миграција и интеграција, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Министерството за миграција и азил на Грција соопштија дека „посебно значење има и поширокиот ефект“ од конкретната операција, бидејќи лицата кои ја напуштија Грција „во најголем дел престојувале нелегално во урбаните средини на грчките градови, што директно го намалува оптоварувањето на локалните заедници“.
Дополнително, посочија дека има значителна промена во профилот на лицата опфатени со програмата, бидејќи за разлика од претходниот период, кога убедливо мнозинство биле државјани на Грузија, „сега програмата сè повеќе привлекува државјани на земји од особен оперативен интерес за Министерството, како што се Сирија, Бангладеш, Пакистан и Египет“.
Операцијата на враќање на мигрантите, на аеродромот ја следеше и министерот за миграција и азил на Грција Танос Плеврис, кој посочи дека борбата против нелегалната миграција е нивниот основен приоритет.
– Со спроведувањето на законот „затвор или враќање“, односно секој кој е нелегално во земјата оди во затвор, доброволните враќања што се реализираат преку ИОМ се зголемени за 54 отсто. Вчера беше реализиран најголемиот лет спроведен досега, со 114 лица од девет националности од Азија и Африка. Враќањата се нашиот најголем предизвик и веќе имаме зголемување на враќањата и намалување на миграциските текови, посочи Плеврис.
ноември 26, 2026


