Connect with us

Вести

АВМУ: Ги осудуваме ставовите на Петар Богојески со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши увид во емисијата „Под лупа“, емитувана на ТВ Алфа на 2 ноември 2026 година, на тема „Распадот на македонското семејство: Меѓу насилството, разводите и судирот на традицијата и модерното време“. Во емисијата учествуваа Петар Богојески, претседател на партијата „Македонски Концепт“, и Катерина Котеска, адвокатка специјализирана за семејно право и семејно насилство, се вели во соопштението од АВМУ, што МИА го објавува интегрално. 

Агенцијата укажува дека секој учесник во јавна дебата, особено јавна личност, сноси лична одговорност за јавно изнесените ставови и пораките што ги упатува до граѓаните. Од друга страна, улогата на професионалното новинарство е да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува изнесените тврдења, со цел јавноста да добие релевантни информации и самостојно да формира мислење.

Во конкретниот случај, од регулаторен аспект, новинарката која ја водеше емисијата постапуваше согласно професионалните новинарски стандарди. Таа поставуваше релевантни прашања, ги доведуваше во прашање изнесените тврдења и бараше нивно дополнително образложение. 

Истовремено, Агенцијата ги осудува ставовите на Петар Богојески со кои се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности. Ваквите пораки се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство. Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи.

Ad
Ad