Connect with us

Свет

Шведскиот парламент ја отфрли кандидатката за премиер Елизабет Танд Рингквист

Пратениците во шведскиот парламент денеска ја отфрлија кандидатката за премиер и лидерка на Партијата на центарот, Елизабет Танд Рингквист, јавуваат агенциите.

Претседателката на шведскиот парламент веќе објави дека следниот обид за формирање влада ќе му биде доверен на лидерот на Умерената партија, Улф Кристерсон, премиерот на десничарската влада која е на власт од 2022 година, јавуваат британските медиуми.

На септемвриските избори, четири опозициски партии од левиот центар освоија мнозинство од 176 од вкупно 349 пратенички места.

Сите четири ја поддржуваат лидерката на Социјалдемократската партија, Магдалена Андершон, за премиер, но не се согласуваат околу тоа кои партии треба да бидат дел од новата влада.

Танд Рингквист, чија партија е петта по големина во парламентот, се откажа од обидите за формирање центристичка коалиција минатата недела и претходно изјави дека не сака да биде премиерка во следната влада.

На 15 октомври, пратениците го отфрлија и предлогот на Андершон за формирање малцинска социјалдемократска влада.

Денешното гласање за Танд Рингквист беше второ од вкупно четирите предвидени обиди за гласање за избор на премиер, по што, доколку ниту еден кандидат не добие поддршка, ќе треба да се распишат нови избори.

Засега мали се шансите Кристерсон, чија партија е втора по големина по Социјалдемократската партија, да може да обезбеди мнозинство, па мандатот за формирање влада подоцна повторно би можел да и припадне на Андершон.

Неодамнешните анкети на јавното мислење покажуваат дека поддршката за Умерената партија е зголемена од септемвриските избори, соопшти агенцијата.с

Ad
Ad