Свет
Лајен претстави три приоритети за поконкурентна Европа
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска изјави дека Европската Унија треба да се фокусира на искористување на потенцијалот на единствениот пазар, да ги капитализира можностите што ги носи транзицијата кон чисти технологии и примена на вештачката интелигенција, со цел да се постигнат придобивки во сите економски сектори на Унијата.
Таа, во говор на самитот „ВинВин“ (WinWin) во Брисел, истакна дека претприемач кој сака да го прошири својот бизнис низ цела Европа се уште се соочува со лавиринт од различни правила и барања, па наместо со единствен пазар, тој се соочува со 27 правни системи и повеќе од 60 различни национални правни форми за основање компанија.
– Сакаме да го промениме тоа, преку иницијативата „ЕУ Инц“ (EU Inc), така наречениот „28-ми режим“. Тоа е единствена и едноставна правна форма на деловна компанија што би важела низ цела Европа. „ЕУ Инц“ им овозможува на претприемачите да основаат компанија целосно преку интернет, од каде било во Европа, во рок од 48 часа и за помалку од 100 евра, наведе Лајен.
Втората точка, според неа, е „чистата транзиција“, односно транзицијата кон чисти извори на енергија.
– Поради ситуацијата во Ормуска Теснина, увезените фосилни горива ја чинеа Европа дополнителни 127 милијарди евра, без ние да добиеме ниту еден молекул енергија повеќе. Кога увезуваме нафта и гас, ризикуваме да увеземе шокови и кризи со нив. Значи, чистата транзиција не е само прашање на заштита на нашата клима, туку е и клучна за конкурентноста и независноста на Европа, посочи Лајен.
Таа додаде дека Европа до 2050 година ќе стане првиот климатски неутрален континент.
Третиот приоритет, според Лајен, е вештачката интелигенција, која претставува огромна можност за зголемување на просперитетот и подобрување на квалитетот на животот.
ноември 4, 2026


