Скопје
Општината Ѓорче Петров: Над 193 милиони денари реализирани капитални инвестиции до октомври
Општина Ѓорче Петров заклучно со октомври 2026 година оствари реализација на капитални расходи од 193.178.784 денари, што претставува највисок износ во периодот 2012-2026 година. Со резултатот постигнат за десет месеци веќе е надмината целогодишната реализација од сите претходни години во овој период – информираат од Општината.
Во споредба со 2025 година, кога биле реализирани 172.925.236 денари, годинашната реализација до октомври е поголема за 20.253.548 денари, односно за 11,7 проценти.
Споредено со 2024 година, кога капиталните расходи изнесувале 79.419.215 денари, реализираниот износ е зголемен за 143,2 проценти, односно е 2,43 пати поголем. Овие споредби ја опфаќаат реализацијата за првите десет месеци од 2026 година, наспроти целосните претходни календарски години.
-Нашата одговорност е средствата на граѓаните да ги претвораме во проекти што го подобруваат нивното секојдневие. Реализацијата од над 193 милиони денари уште во октомври покажува дека поставуваме повисоки цели и работиме на нивното исполнување. Благодарност до општинската администрација и до сите кои придонесуваат за овој резултат. Продолжуваме со истата посветеност, затоа што граѓаните очекуваат завршени проекти и видливи резултати – истакнал градоначалникот Александар Стојкоски.
Општина Ѓорче Петров, велат оттаму, и во преостанатиот дел од годината ќе продолжи со реализација на капиталните проекти, со фокус на потребите на жителите, подобрување на инфраструктурата и одговорно управување со јавните средства.
ноември 4, 2026


