Connect with us

Сцена

Парис Џексон бара 600 милиони долари од наследството на својот татко: Тврди дека семејниот фонд не е финансиран 17 години

Парис Џексон поднела барање до судот во Лос Анџелес со кое бара да ѝ се исплатат 600 милиони долари, како и на нејзините браќа, од наследството на нејзиниот татко, легендарниот музичар Мајкл Џексон. Таа тврди дека Фондот, и покрај тоа што поминале 17 години од смртта на пејачот, сè уште не добил пари.

Од она што го дознава магазинот „People“, 28-годишната Парис во судскиот документ поднесен на 29 октомври навела дека наследството од пејачот изнесува повеќе милијарди долари, но дека сè уште не се префрлени во семејниот фонд.

Според поставените правила, тие требало да добиваат приходи откако ќе наполнат 21 година, додека делови од главнината требало да им бидат исплаќани на 30, 35 и 40-годишна возраст. Парис тврди дека овие одредби не биле спроведени во согласност со желбите на нејзиниот татко, поради што таа и нејзините браќа и понатаму зависат од извршителот на тестаментот, Џон Бранка, кој одлучува кога и во колкав износ ќе им бидат исплатени средствата.

„Повеќе од 17 години по неговата смрт, семејниот фонд на Мајкл Џексон сè уште е без средства“, се наведува во судскиот документ.

Адвокатите на Парис тврдат дека оставината остварила повеќе од една милијарда долари пред одбивањето на даноците и трошоците, благодарение на неколку големи деловни трансакции меѓу кои продажбата на уделот во „EMI Music Publishing“ за 287,5 милиони долари во 2018 година, продажбата на ранчот „Neverland“ за 22 милиони долари во 2020 година, како и договорот со „Sony“ во 2023 година.

Според финансискиот извештај од декември 2024 година, наследството располагало со околу 850 милиони долари во готовина. Парис смета дека, по одбивањето на можните финансиски обврски, на располагање остануваат околу 600 милиони долари што би можеле да бидат префрлени во семејниот фонд.

Таа, исто така наведува дека откако минатата година почнала да го оспорува начинот на кој се управува со наследството се соочила со јавни критики и судски тужби, а средствата што таа и нејзините браќа ги добивале биле намалени за неколку милиони долари годишно.

Од Фондот за магазинот „People“ изјавиле дека семејните фондови не можат да бидат целосно финансирани сè додека не се решат неколку правни прашања, меѓу кои и спорот со американската Управа за внатрешни приходи (ИРС), која претходно побарала 700 милиони долари за даноци и казни.

Тие посочиле дека успеале да се донесе одлука со која побараниот износ бил значително намален, но дека постапката сè уште не е завршена. Воедно, ги отфрлиле целосно измислените тврдењата дека исплатите кон наследниците биле скратувани или намалувани. Според нивните наводи, на наследниците досега им биле исплатени повеќе од 200 милиони долари, а според одредбите на тестаментот, ниту едно од децата нема право на распределба на средствата пред да наполни 30 години.

Портпаролот на Парис Џексон ги отфрлил ваквите тврдења, сметајќи дека Фондот повторно се обидува да го оттргне вниманието од сопствените пропусти и неспособност. Тој посочил дека Џон Бранка можел, и требало да го финансира семејниот фонд барем делумно уште пред многу години.

Спорот околу управувањето со наследството на Мајкл Џексон и претходно беше предмет на друга судска постапка.

Во мај судот во Лос Анџелес, постапувајќи по приговорот на ќерка му наложил во Фондот да бидат вратени 625.000 долари, односно бонуси што извршителите во 2018 година им ги исплатиле на надворешни адвокатски канцеларии.

Со наследството на Џексон, по неговата смрт на 25 јуни 2009 година управувале Џон Бранка и Џон Меклејн, кој починал во мај 2026 година.

Судското рочиште е закажано за 4 декември. 

Ad
Ad