Connect with us

Сцена

Ќерката на Анџелина Џоли и Бред Пит се откажа од презимето на својот татко

Вивиен, ќерката на Анџелина Џоли и Бред Пит која годинава стана полнолетна, официјално се откажа од презимето на татко сѝ. Судот во Лос Анџелес вчера го одобрил нејзиното барање за отстранување на презимето „Пит“ од нејзиното име, пренесува „Пејџ сикс“ (Page Six).

Вишиот суд во Округот Лос Анџелес ѝ ја одобрила промената на името од Вивиен Маршелин Џоли-Пит во Вивиен Маршелин Џоли. Адвокатот на Вивиен, Питер Кенет Левин, присуствувал на рочиштето преку видеоповик. Таа го поднела барањето во јули, само неколку дена откако наполнила 18 години, наведувајќи дека тоа го прави од лични причини. Таа повеќе од две години го користи само презимето „Џоли“, на пр., во програмата за мјузиклот „Отпишани“ (The Outsiders) на Бродвеј во 2024 година, на којшто работеше заедно со својата мајка.

Вивиен не е првото дете на славниот пар што се откажува од презимето на таткото; истото преку судски постапки го сторија и Шајло, Медокс и Захара. Нокс, пак, го изостави презимето „Пит“ од својата средношколска диплома овој јуни, иако сè уште официјално не го има променето.

Бред Пит јавно не ги коментираше одлуките на своите деца во врска со нивните презимиња. Џоли и Пит го финализираа разводот со спогодба во декември 2024 година, по правна битка што почна во 2016 година.

Ad
Ad