Сцена
Бој Џорџ со два концерта во Израел, им пркоси на повиците за бојкот
Британскиот поп-пејач Бој Џорџ пристигна во Израел за да одржи два концерта – гест на поддршка за земјата во време кога се одвива меѓународна кампања на уметниците за бојкот на Израел поради воените дејствија во Палестина.
Во понеделникот во Ерусалим, 65-годишниот уметник се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог и со Елкана Бохбот – заложник кој по нешто повеќе од две години заложништво, беше ослободен од радикалното палестинско движење Хамас, инаку преживеан од нападот врз музичкиот фестивал „Нова“ на 7 октомври 2023 година. Херцог му изрази благодарност на Бој Џорџ за неговата јавна поддршка за Израел и му подари скулптура од црвени анемони, инспирирана од спомен-обележјето на местото на фестивалот „Нова“ во пустината Негев, пренесува ДПА.
Пејачот, познат по хитот „Карма камелеон“ (Karma Chameleon), треба да настапи во Тел Авив на 4. и 7 ноември; билетите за двата концерта се распродадени.
Неговата посета доаѓа во време кога Израел се соочува со растечка културна изолација. Од почетокот на војната во Појасот Газа, голем број странски уметници ги откажаа закажаните настапи во Израел или се приклучија на повиците за бојкот. Бој Џорџ, од своја страна, јавно изрази солидарност со Израел и со еврејскиот народ. Претходно оваа година, тој ја објави песната „Повторно ќе танцуваме“ (Will Dance Again) во спомен на жртвите од нападот на Хамас врз фестивалот „Нова“. Пејачот изјави дека неговата поддршка за Израел го чинела пријателства, довела до закани и создала пречки во неговата кариера.
Критичарите го обвинија музичарот дека ја користи песната за да го оправда начинот на којшто Израел ја води војната во Појасот Газа, како и дека го занемарува страдањето на палестинското население.
На 7 октомври 2023, милитанти на Хамас извршија упад во јужен Израел, при што убија околу 1.200 луѓе и задржаа 251 заложник во Газа. Како одговор, Тел Авив почна офанзива од големи размери во Појасот, при што – според здравствените власти во енклавата, загинале повеќе од 74.500 Палестинци.
ноември 4, 2026


