Сервисни информации
Во октомври во Скопје подигнати и транспортирани 14.000 тони комунален отпад
Во октомври, екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје подигнаа и транспортираа 14.000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата и правните субјекти на територијата на градот Скопје. Во истиот период, од јавни и сообраќајни површини се отстранети и 950 кубни метри непрописно одложен кабаст и градежен отпад. Најголемо количество отпад од диви депонии, 200 кубни метри, е подигнато во општината Чаир.
Како што информира ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, минатиот месец, Еко-патролата на претпријатието врачила 83 едукативно-информативни записници на приватни лица и претставници на стопански субјекти што биле затекнати при прекршување на Законот за јавна чистота. Најголем број на записници, вкупно 47, се врачени на територијата на скопската општина Чаир.
-Преку рачно и машинско метење и миење секојдневно ја одржуваме јавната хигиена на скопските булевари и улици, како и плоштадите и пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода” и целокупниот простор на Старата скопска чаршија, наведуваат од ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје.
Вработените во администрацијата на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје во октомври учествуваа и во масовната еколошка акција „Не оставај ѓубре, остави пример“, организирана од Градот Скопје.
ноември 4, 2026


