Свет
Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат дека примирјето во Олешки го искористиле за консолидација на воените позиции
Генералштабот на украинската армија денеска соопшти дека руските сили го искористиле шестдневното хуманитарно примирје во градот Олешки, јужна Украина, за да ги зајакнат своите воени позиции.
ГШ на украинската армија соопшти дека во текот на примирјето забележал смена на руските единици, утврдување на позициите, зајакнување на заштитата од беспилотни летала по патиштата и зголемени логистички активности, вклучително и испорака на муниција.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков изјави дека нема конкретни информации за воените активности на руската страна за време на примирјето, но дека претпоставува дека Украина ја искористила паузата за да ги прегрупира своите сили.
Руската комесарка за човекови права, Јана Лантратова изјави дека помалку од 750 луѓе на кои им е потребна помош останале во Олешки по евакуацијата и дека се планирани редовни месечни испораки на хуманитарна помош, со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп.
Украинскиот омбудсман Дмитро Лубинец вчера изјави дека двете страни ги почитувале своите обврски за време на прекинот на огнот.
Прекинот на огнот, што стапи во сила на 27 октомври и истече вчера во 21 часот, беше постигнат со посредство на првата дама на САД, Меланија Трамп, а имаше за цел да овозможи испорака на хуманитарна помош и евакуација на цивили од градот под руска контрола. Според неа, речиси 800 луѓе биле евакуирани.
Во меѓувреме, денеска беа пријавени нови напади. Во Херсон, евидентиран е напад со беспилотни летала во центарот на градот, во кој немало жртви, додека руските сили извршија воздушни или артилериски напади врз 16 населени места во делови од Херсонската област под украинска контрола во претходните 24 часа.
ноември 3, 2026

