Регион
Курти очекува новата власт во Србија да го смени пристапот кон Косово
Косовскиот премиер, Албин Курти, денеска изјави дека очекува новата власт во Србија да го промени пристапот кон Косово.
На 64. седница на Генералниот совет на неговата партија „Самоопределување“, Курти се осврна на резултатите од парламентарните избори во Србија кои, според него, донеле значајни промени на политичката сцена во соседната земја, како и на резултатот на политичките претставници на Албанците од Прешевската Долина.
Тој наведе дека Албанската коалиција освоила 27.670 гласови, со што обезбедила два пратенички мандата и го постигнала најдобриот резултат на Албанците во Србија од 2020 година.
„Минатата недела, во неделата, во Србија се одржаа парламентарни избори, кои донесоа историски резултати за Албанците и значајни политички промени во нашата северна соседна земја. Албанската коалиција освои 27.670 гласови, дури 1.233 повеќе отколку во 2020 година, со што го постигна најдобриот резултат на Албанците од 2020 година и обезбеди два пратенички мандата“, изјави Курти.
Тој го оцени позитивно и обединувањето на албанските политички субјекти, наведувајќи дека постигнатиот резултат е доказ дека општиот интерес бил ставен над партискиот.
„Четврт век по поразот на Милошевиќ и Шешељ на почетокот на 21 век, и нивните политички наследници Вучиќ и Дачиќ ја загубија власта во Србија, но сè уште не знаеме кој победил. Се надеваме дека оваа политичка промена ќе биде проследена и со позитивна промена во пристапот на официјален Белград кон Република Косово и кон Албанците во Прешево, Бујановац и Медвеѓа“, рече Курти.
Во продолжение на говорот, Курти ја истакна и потребата од соочување со минатото, денацификација на политичкиот дискурс, деинституционализација на криминалот и внатрешна демократизација во Србија, оценувајќи дека тоа се услови за нормализирање на односите со соседните земји.
ноември 1, 2026

