Свет
Еден убиен и шест повредени лица во пукотница во продавница за „Ноќ на вештерките“ во Калифорнија
Едно лице е убиено, а шест се повредени во пукотница во продавницата „Спирит Хелоуин“ во трговскиот центар Солано Таун Центар, во Ферфилд, Калифорнија, а полицијата го бара вооружениот напаѓач, соопштија денеска официјални лица.
Најмалку три повредени лица се во критична состојба, изјави началникот на полицијата во Ферфилд, Ден Маршал, објави Ен-би-си.
Сите жртви се пренесени во блиската болница.
Пукањето се случило синоќа околу 20:30 часот по локално време.
Маршал рече дека инспекторите работат на идентификување на осомничениот или осомничените одговорни за нападот.
Телевизијата KCRA ја пренесува изјавата на еден лоален жител кој кажал дека неговата сопруга била во продавницата кога вооружениот напаѓач отворил оган, но дека успеала да избега со неколку други лица преку излез за итни случаи. „Таа сега е дома, но сè уште е во шок“, рече жителот на Ферфилд.
Пукањето во Калифорнија се случило неколку часа откако едно лице беше убиено во продавница за „Ноќта на вештерките“ во Медисон Хајтс, Мичиген. Полицијата соопшти дека 21-годишен маж од Детроит претрпел сериозни повреди и бил однесен во болница, каде подоцна починал.
Осомничениот за пукањето, исто така 21-годишник, претрпел повреди кои не биле опасни по живот откако бил нападнат од неколку минувачи додека бил приведен од полицајците. И тој бил однесен во болница.
Полицијата очекува да поднесе кривични пријави против осомничениот, а засега нема индикации дека двете пукања се поврзани
ноември 1, 2026


