Култура
Објавена книгата „Поетски облици на времето“ од Раде Силјан
По повод четириесет години од објавувањето на „Пронајден облик“ (1986), првата авторска книга на Раде Силјан со критики и есеи, објавена е неговата нова книга „Поетски облици на времето“, во издание на „Матица македонска“. Јубилејот го насочува вниманието кон значаен придонес во македонската книжевност и култура: повеќедецениската работа на Силјан во препознавањето на книжевните вредности, толкувањето на творечките опуси и поврзувањето на генерациите во заедничка книжевна меморија.
Новата книга „Поетски облици на времето“ му дава на јубилејот конкретен и траен книжевен израз. Таа обединува критички огледи за творечките остварувања на 30 поети, поврзани со разгледувања на постарото книжевно наследство. Во шест книжевноисториски и поетички целини, Силјан го следи патот од средновековното слово и Преродбата, преку илинденскиот период, револуционерната и социјалната песна, до основоположниците на современата македонска поезија, модернистичкиот пресврт и поетските остварувања во првите децении на XXI век.
Меѓу авторите на кои им се посветени огледи се Константин Миладинов, Григор Прличев, Кочо Рацин, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Матеја Матевски, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски и Радован Павловски. Опфатени се и Михаил Ренџов, Светлана Христова-Јоциќ, Гордана Михаилова-Бошнакоска, Ефтим Клетников, Санде Стојчевски, Веле Смилевски, Ристо Лазаров, Катица Ќулавкова, Славе Ѓорѓо Димоски …
-Посебна вредност на изданието е новото авторско читање. Силјан ги преиспитува аргументите и оценките изнесени претходно, ги продлабочува толкувањата и ги вклучува подоцнежните творечки достигнувања. Заокружените опуси ги разгледува во нивната целост, а кај активните автори ги следи и новите книги и поетички поместувања. Така, искуството собрано низ децениите добива актуелна критичка перспектива. „И натаму верувам дека секоја вистинска песна, без оглед на времето во кое е напишана, носи во себе искра што може да го осветли и времето што доаѓа“, пишува Силјан во предговорот „Меѓу песната и времето“, се наведува во соопштението за неговата нова книга.
Уредник на изданието и автор на поговорот, насловен „Мерата на времето, обликот на вредноста“, е Иван Антоновски, кој го анализира критичарскиот и антологичарскиот опус на Силјан, неговите вредносни мерила и придонесот во афирмацијата на македонските книжевни достигнувања.
октомври 19, 2026


