Хроника
Сквернавење на гробот на Стале Попов и Бранка Поповска во Бутел, четворица се осомничени, а побаран е и притвор

Четири лица се осомничени за тешка кражба и сквернавење на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска на гробиштата во Бутел. Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје повел постапка против лицата и до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за сите.
Како што соопшти ОЈО, осомничените, на 17 септември, влегле на градските гробишта во Бутел, дошле до алејата на заслужни граѓани и со употреба на физичка сила успеале да ја откорнат и турнат бронзената биста со два човечки лика во седечка положба од платформата на гробот на починатите Стале Попов и Бранка Поповска.
-Бистата била зацврстена со анкери, при што тие ја разурнале и оштетиле самата платформа на гробот и го осквернавиле гробното место. Откако бистата ја собориле на земја, ја влечеле се до жичената ограда каде претходно направиле отвор и преку отворот ја префрлиле бистата и ја натовариле во автомобил, со намера да ја присвојат, се наведува во соопштението на ЈО.
Проценетата вредност на бистата во сопственост на наследничка на починатите изнесува околу 320.000 денари.
септември 19, 2025