Connect with us

Регион

Во две акции на кипарската полиција откриени и запленети над 380 килограми кетамин

Кипарската полиција во магацин во Лимасол денеска открила 260 килограми наркотици, за кои, на прв поглед, се смета дека се кетамин, а според полициски извори е продолжение на претходната акција од саботата кога беа откриени 126 килограми кетамин, објавија медиумите на Кипар, јави дописничката на МИА од Атина.

Од кипарската полиција вчера соопштија дека при координирана операција на Службата за борба против дрога и Службата за управување и анализа на информации спроведена во два стана во саботата во Лимасол биле уапсени четири лица, односно два брачни пара.

Во домот на едниот брачен пар биле пронајдени и запленети 126 килограми и 630 грама кетамин, а во другиот имало мала количина кокаин, кетамин, екстази.

На четворицата уапсени вчера им била одреден осумдневен притвор.

Информативниот портал „Сајпрус тајмс“ пишува дека до полицијата стигнала информација дека криминална организација по морски пат, со луксузни јахти пренесува наркотици од Израел во Република Кипар, а членовите се Израелци и лица со арапско потекло.

Според истите информации дрогата пристигнала на марините во Лимасол и Ларнака, била камуфлирана во пакувања со градежни материјали и санитарна опрема, а од таму се пренесувала во двете куќи што се користеле како магацини, со цел подоцна да биде дистрибуирана до Израелци со постојан престој на Кипар.

Онлајн изданието на весникот „Филелефтерос“ објави дека кетаминот веројатно е со потекло од Германија, уапсените брачни парови се Израелци и Палестинци, а истрагата продолжува за да се утврди дали наркотиците биле наменети за Кипар или земјата била транзитна дестинација.