Connect with us

Регион

Грција формираше Владина комисија за нуклеарна енергија

Прв институционален чекор на патот што би можел да доведе до користење на нуклеарната енергија во Грција, ја карактеризираше, заменик-министерот за животна средина и енергетика Никос Цафос одлуката за „Основање, формирање и функционирање на Владина комисија за нуклеарна енергија“, јави дописничката на МИА од Атина.

Соодветниот владин акт беше објавен во Службен весник во Грција, а надлежниот заменик-министер преку социјалните мрежи ги објасни целите на конкретната комисија, што воедно е прва од ваков вид.

Владината комисија првично ќе има за цел да го унапреди јавниот дијалог и знаењето на различните институции и организации во однос на нуклеарната енергија за да постои познавање на основните аспекти за тоа што значи нуклеарната енергија, „да разговараме врз основа на реални податоци и искуства од други земји, наместо да се потпираме на предрасуди и полувистини“.

-Второ, комисијата ќе ги разгледа основните прашања, како што се: дали нуклеарната технологија одговара на енергетскиот микс на земјата, под кои услови би можела да ги намали трошоците за потрошувачите, какви други придобивки има (на пример, енергетска безбедност), како би организирале и финансирале таков проект, какви ризици носи и како би се справиле со нив, кои се институционалните, регулаторните и правните празнини што треба да ги покриеме, кој е реалниот временски рок за спроведување на една таква програма и кои би биле клучните пресвртници на тој пат, напиша Цафос.

Додаде дека постојат многу прашања и имаат многу работа. Но, започнуваат, затоа што, како што нагласи, должни се да ги разгледаат „сите технолошки решенија што би биле добри за земјата.“