Општини
Општина Кавадарци ги додели Седмосептемвриските признанија
Општина Кавадарци ги додели Седмосептемвриските признанија, на денешната свечена седница по повод 82 години од ослободувањето.
– Станува збор за признанија за исклучителен придонес, посветеност и успеси со кои се гради и афирмира нашиот град. Признанието им припадна на тројца наши сограѓани, Методи Каровски -постхумно, д-р Благојче Митев и Фондација „Никола Јанчев“, луѓе и институција кои со својата работа, знаење, талент и посветеност се пример дека успехот на еден град го создаваат неговите луѓе. Нивниот успех, се вели во образложението за доделените признанија, е успех на Кавадарци. Нивниот придонес е дел од приказната за нашиот град.
– Кавадарци напредува, Кавадарци се модернизира, Кавадарци со години се движи напред. Нашиот град е пример за успех, пример за посветена локална заедница, пример за транспарентност и пример за достапност на граѓаните – рече претседателот на Советот на Општината, Стојанче Рамов.
Кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев се осврна на планираните инвестиции за оваа година. Притоа ги спомена старечкиот, младинскиот и пионерскиот дом.
– Еден од најзначајните стратешки чекори што го развиваме е и гасификацијата на Кавадарци. Тоа не е само инфраструктурен проект, тоа е проект кој создава услови за модерна енергетска инфраструктура и подобра економска перспектива – истакна Јанчев.
Меѓу крупните проекти што се планираат за наредниот период, тој ја спомена обиколницата, што треба да го растовари сообраќајот, да ја зголеми безбедноста и да придонесе за почиста животна средина.
септември 7, 2026
