Connect with us

Општини

Кочани го одбележа 7 Септември, празникот на градот, награда за животно дело за гинекологот Димитров

Првиот гинеколог – акушер во медицинска установа во Кочани, Димитар Димитров, постхумно ја доби наградата за животно дело што ја доделува Општина Кочани, по повод 7 Септември, Ден на ослободувањето и празник на градот. 
Димитров, струмичанец, откако го завршил Медицинскиот факултет во Загреб, првото вработување во педесетите години од минатиот век, го остварува во Болницата во Кочани. Специјализира на Медицинскиот факултет во Скопје.

Во Кочани останува до почетокот на шеесеттите години, по што заминува во Скопје, каде е еден од основачите на Гинекологија во Чаир.
Признанието за животно дело го врачи кочанскиот градоначалник Владко Грозданов на членови на семејството на Димитров.
Втората по “тежина” награда што ја доделува Општина Кочани по повод 7 Септември му беше врачена на Доне Донев за значајни остварувања за развој на Општината во текот на една календарска година.

Донев е просветен работник, магистер, професор по македонски јазик во пензија.
Истовремено, тој е публицист, поет, аматерски драмски актер, автор на повеќе монодрама. Зад него стојат прозни остварувања, помеѓу друѓите и за Гемиџиите, за Методија Андонов – Ченто и за Малина Попиванова, еден од првите членови на Комунистичката партија на Македонија од Кочани.


Свечената седница по повод 7 Септември и 82. години слободно Кочани, Советот на Општина Кочани ја одржа денеска во Мулти културниот центар, откако претходно беше положено цвеќе пред бистите на Љупчо Сантов и Раде Кратовче, загинати во НОБ, како и на Споменикот на слободата на локалитетот Локубија.