Економија
Божиновска: Владата работи во корист на граѓаните, евидентен ќе биде бенефитот од енергетските проекти
Воспоставивме Министерство за енергетика пред само две години, а денес веќе го градиме интерконекторот. Многу работи се случија изминатите две години. Но она што е исклучително важно е регионалната соработка. Секогаш е многу добро кога имате соработка, особено со соседите, а интерконективноста значи многу бидејќи не можете да бидете остров, не можете да бидете изолирани кога зборувате за енергија – рече денеска министерката за енергетика Сања Божиновска на панелот во рамките на 6. Метрополитен самит во Солун.
Како што истакна Божиновска, колку што е значајна соработката, толку е важна и посветеноста да се испорача.
-Денес, две години подоцна, ги имаме целите: в година ќе бидеме, се надевам до јуни, најдоцна јули, готови со грчкиот дел од нтерконекторот, а до крајот на годината и со српскиот дел. Тоа значи ќе имаме алтернатива, а кога имате повеќе алтернативи, секогаш е подобро. Можеме исто така да бидеме и снабдувач за Југоисточна Европа и мислам дека ова е многу добро – нагласи Божиновска.
Според неа, идниот месец ќе има уште една средба на министрите како онаа во Атина.
– Ова е многу важно и многу добро, да се среќавате и да разговарате – кои се предизвиците, каде треба да се подобриме. Се договоривме квартално да се среќаваме во земјите. Ова ќе биде наш втор состанок. Сите научивме дека колку што е значајна соработката, толку е важна и посветеноста да се испорача – рече Божиновска.
Таа потенцира дека за Владата е секогаш најбитен бенефитот за граѓаните.
– Секако, не можете да добиете „да“ од секој човек во врска со проектите што ги спроведувате, но на крајот тоа ќе се види на следните избори каков е одговорот. Настрана од Грција и Бугарија, ние немаме гасификација во целата земја, така што почнавме со градење. Сакаме и другите градови да имаат централно греење, во моментот има само главниот град. Бенефитот од поврзувањето е придобивка за граѓаните и мислам дека тие ќе видат, не веднаш, но ајде да кажеме на среден рок, за 3 до 5 години – напомена министерката.
Се размислува, додаде, и за базичната енергија.
– Затоа земјата има програма за праведна транзиција, има многу инвестиции за да можеме постепено да го исфрлиме јагленот од употреба, но тоа не е толку лесно, ни едноставно. Ни требаат многу инвестиции и сакаме тоа да биде праведно за сите луѓе што работат во рударството, мора да се грижиме за луѓето што всушност работат таму, да ги преквалификуваме, доквалификуваме. Тоа е многу комплициран процес, но мислам дека со 58 проценти обновливи извори сме на добар пат – рече Божиновска на панелот.
Попладнево, во рамките на 10. Форум за енергетика на Југоисточна Европа (SEEF), Божиновска ќе го потпише меморандумот за соработка, со што Македонија и официјално ќе се приклучи кон Вертикалниот гасен коридор.
септември 4, 2026
